Македонија
16. јуни 2021 - 16:47

Заев утре патува во Софија, опозицијата обвинува дека е подготвен да ги прифати сите барања од Бугарија

Премиерот Заев утре патува во Софија во последен обид да ја убеди Бугарија да го тргне ветото за старт на преговорите, во пресрет на европските состаноци следната недела. Придружуван од вицепремиерот Димитров и министерот Османи, македонската делегација ќе оствари средби со бугарскиот претседател Радев, техничкиот премиер Јанев и претставници на поголемите политички партии.

Ден пред посетата Заев вели дека очекувањата не треба да бидат многу високи бидејќи во моментов Бугарија нема ниту функционално собрание ниту политичка Влада, но има волја за разговори.

-Наша официјална позиција е дека е добра основа за постигнување на решение и бугарската официјална позиција е дека е добра основа за постигнување решение. Ова треба да го искористиме. Ако се постигне решение супер, ако не се постигне сигурно ќе е позитивен исчекор кон изнаоѓање на решение веднаш штом ќе се формира политичката влада, оцени премиерот Заев.

Лидерот на опозицијата пак преку социјалните мрежи прашува дали Заев, Бучкоски, Димитров и Осамни утре во Бугарија подготвуваат ново предавство.

-Овој квартет кој државава ја чини многу скапо ќе отпатува во Софија, каде се спремни да дадат бел лист хартија кој бугарските политичари треба да го натоварат со барања, исти онакви какви што се содржани во Бугарската декларација со која се негира јазикот, идентитетот и историјата на Македонија. Загрозени се националните и државни интереси, Заев им дава поклон кој многу скапо ќе ја чини нашата држава, пишува Мицкоски на Фејсбук.

Потсетувајќи дека исти вакви обвинувања од опозицијата пристигнуваа и пред потпишувањето на Преспанскиот договор, премиерот Заев ги негира овие тврдења потенцирајќи дека македонскиот идентитет и јазик воопшто не се ставени на маса.

-Ќе прашам јавно, зарем е можно изгубен идентитет повторно да го изгубиме? Тој ниту бил изгубен, ниту ќе се изгуби. Изгубен е веројатно Мицкоски и ако некој го пронајде нека го врати во ВМРО-ДПМНЕ ама не верувам дека и таму ќе биде нешто од помош, одговори Заев.

Ако утре не биде постигнат напредок Македонија не може да се надева на зелено светло за првата меѓувладина конференција на состаноците на Европскиот совет закажани за 24 и 25 јуни. Сепак премиерот Заев вели дека следната шанса ќе биде на 6 октомври за време на Европскиот совет за Западен Балкан кој ќе го организира Словенија во рамки на своето претседавање со Унијата.