Заев: Срамно однесување на полицијата
Премиерот Зоран Заев денеска ја осуди полициската бруталност и насилството врз полицајците во велешко. Тој потенцира дека законот треба да важи за сите поеднакво.
– Ја осудувам полициската бруталност. Апелирам да се преземаат, согласно законот, најригорозните мерки за таквите случаи, каде што има полициска бруталност, нагласи Заев.
Тој истакна дека, во тој дух, секогаш апелирал и кога имало провокациите на меѓуетничка основа.
– Ако решивме едно општество за сите и го затворивме правниот дел на Охридскиот рамковен договор, не значи дека ова е трајно затворено прашање. Ние мора да работиме на соживотот, на меѓусебното почитување и разбирање, посебно кога се работи на служењето на институциите пред граѓаните, вели Заев.
Претходно, пpемиерот Заев ја осуди полициската бруталност и преку „Фејсбук“.
– Бруталноста од страна на полициски службеници врз граѓани Роми, што ја видовме вчера во видеото на социјалните мрежи, е за најсилна осуда. Таквото однесување е срамно за полицијата, ја заслужува осудата која пристигна од јавноста. За поздравување е што Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи го утврди идентитетот на учесниците на овој исклучително немил настан, и очекувам дека многу бргу, по утврдените околности да следува целосна одговорност и соодветна казна на сите инволвирани во случајот, пишува Заев.
Тој истакна дека вложиле многу во менувањето на ликот и однесувањето на полициските службеници и нема да дозволат, дури и вакви изолирани случаи, да поминат без одговорност и соодветна казна.
Покрај осудата за полициската бруталност, Заев го осуди и насилството врз полицијата од страна на дивокрадците во велешко.
– Најостро го осудувам насилството врз полицајците од страна на дивокрадците во велешко. Насилството врз полицијата е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да се толерираат.
Секој кој ќе нападне полицаец или друг службеник кој се грижи за безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со законот и ќе претрпи сериозни правни последици, пишува Заев на „Фејсбук“.
Тој ја поздрави ефикасната акција на полицијата за приведување на насилниците, и очекува брза постапка и на Јавното обвинителство како одговор на, како што вели, принципот за нула прифатливост за насилство врз припадниците на Министерството за внатрешни работи.
– Бесправната сеча на шумите е сериозно кривично дело и загрозување на шумите како природно богатство и во таа насока ниту едно насилство предизвикано од дивокрадците и криминалните групи, нема да ги спречи припадниците на полицијата и овластените службеници да го заштитуваат јавното добро кое им припаѓа на граѓаните, вели Заев.
Ново на Сител
-
Во Брисел почна трилатерален состанок на делагациите од Белград, ЕУ и од Приштина
-
Радовишанец во повеќе наврати извршил обљува врз малолетничка
-
Врховен го укина притворот на таткото на Вања, определи куќен притвор и мерка на претпазливост
-
Грчки медиуми: Голема победа на опозициската ВМРО-ДПМНЕ
-
Во Тетово прегазен малолетен пешак
-
Утре и во сабота дожд, потоа стабилизирање на времето
-
СЗО за консумирање алкохол и електронски цигари кај адолесцентите: Состојбата е алармантна
-
Белгиски медиуми: Македонија оди во втор круг гласање од кој и зависи европската иднина