Македонија
9. May 2018 - 16:42

Заев: Со Ципрас можеби ќе бидеме похрабри во креативноста за решавање на спорот за името

Средбата на шефовите на дипломатиите Димитров и Коѕијас во Сунио, новата рунда преговори за името со посредство на медијаторот Нимиц, во сабота во Атина и средбата Ципрас-Заев во Софија се одлучувачки за решавање на спорот за името, речиси без исклучок анализираат грчките медиуми. Притоа се наведува дека ќе се решаваат клучните разлики во спорот, ерга омнес позицијата на Грција и барањето за промени во македонскиот устав.

Според премиерот Заев засега нема ништо ново што би го споделил со јавноста. Тој најавува дека на средбата со премиерот Ципрас можат да бидат и похрабри во креативноста на решенијата.

,,Знаете дека наближува Самит во Софија, наближува Европскиот Совет и слично. Целото тоа е во најмала рака да се обидеме барем до тие дати. Секако не е тоа никаков краен рок, но би било добро до тие дати да се изнајде решение. Јас верувам дека следниот викенд ќе може исто така искрено, отворено со одредени алтернативи, креативни решенија кои доаѓаат и од наша страна и од грчка страна, ќе ги доближуваме позициите. Очекувам најмалку на маргините на Самитот во Софија за Западен Балкан да се видам со премиерот Ципрас и секако да ги искоментираме досегашните постигнувања помеѓу двајцата министри, а можеби ќе бидеме и похрабри во нашата креатива, не велам не. Но, во секој случај вредно е да се обидеме до самиот крај. Јас давам шанса на процесот. Мислам дека најдобар и неповторлив момент е токму сега да се изнајде решение за овој долгогодишен проблем‘‘, изјави Заев. 

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во изјава за грчката државна агенција уште еднаш порача дека Алијансата чека да се реши спорот за името за да ја упати поканата до Македонија.

,,Навистина ги поздравувам напорите направени од двете страни, и од Скопје и од Атина, за да се обидат да најдат решение за прашањето за името. Го посетив Скопје пред неколку месеци, исто така разговарав со премерот Ципрас по мојата посета и ја поздравувам силната политичка поддршка за обидите за изнаоѓање решение на ова многу тешко и чувствително прашање. Но, ако прашањето за името се реши, тогаш НАТО ќе ја покани Поранешната југословенска Република Македонија да стане членка на НАТО‘‘, вели Столтенберг.

Во меѓувреме според последното истражување на јавното мислење насловено ,,Грција и светот во 2018 година‘‘, 21% од Грците веруваат дека односите помеѓу Атина и Скопје се подобриле во изминатата година, 31% процент сметаат дека се влошиле, додека 43 проценти се изјасниле дека се исти како порано. Најголем дел од нив, 63 отсто ги поддржуваат протестите во Солун и Атина против употребата на терминот Македонија во името на земјава