Македонија
19. February 2021 - 12:08

Заев: Сакаме изборното законодавство да се донесе со консензус

Премиерот и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев денеска испрати порака до политичките партии и опозицијата дека сака да биде постигнат консензус во разговорите за изборното законодавство, што, според него, ќе биде поголема сигурност за граѓаните и ќе поттикне поголема храброст за имплементација.

Сепак, тој предупредува дека мора да се води сметка за сите аспекти и оти работите по ова прашање не се така едноставни.

– Остануваме комплетно посветени со консензус да се донесе изборното законодавство, рече Заев повторувајќи дека во оваа легислатива е важно да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, да се продолжи со реформите во демократизацијата на државата, а внатре да бидат вклопени и ставовите на опозицијата.

Неговата партија, рече тој, е за една изборна единица, ветување уште од изборите во 2016 година, а ваков став имаат и помалите партии.

– За одредени прашања работата не зависи само од нас. Наша определба е една изборна единица, помалите партии се за, другите поголеми партии не се баш за, а треба со консензус да го донесеме законот, предупреди Заев.

Ако бидеме исправени да носиме одлука со гласање ние ќе гласаме согласно нашата определба, додаде тој, но истовремено, како што рече „го имаме гајлето како партија со најмногу пратеници да води сметка за консензусот“.

Тој предупредува дека во таков случај надгласаните партии би можеле да ги бојкотираат изборите.

Заев одговарајќи на новинарско прашање за разговорите за Изборниот законик на настан со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, рече дека со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски досега не успеал да се договори за ништо, но оти ќе направи се разговорите да бидат успешни.

– Ќе направам се. Можевме многу лесно да кажеме Ковид е и нема фингерпринт. Одговоривме не, ќе најдеме пари, само ДИК, претседателот на ДИК да направат брза постапка. Ние сме тука да ја помогнеме се што треба, и ако имаме мнозинство во ДИК да ја споделиме одговорноста брзо да се направи набавката на апаратите за отпечаток од прст и веднаш да ги воведеме. Сите знаеме дека треба да покриеме места каде што нема интернет, да бидат заштитени личните податоци на граѓаните, дека има чекори цела база што МВР треба да ја трансферира во ДИК, таму некој да си преземе сериозна одговорност заради податоците, рече Заев.

Премиерот нагласи дека кога беше лидер на опозицијата и тој го барал тоа и што е дополнителна гаранција за фер и демократски избори за граѓаните.

– Веројатно ќе ја зголеми довербата, ќе излезат уште повеќе граѓани, уште повеќе легитимитет тие што ќе ги бираат. Во конкретниот случај тие што се градоначаниците и светите на општините, рече премиерот.

Според Заев, опозицијата бара градоначалниците да се бираат во првиот круг, но со тоа би изгубиле помалите партии.