Македонија
4. January 2021 - 14:48

Заев: Процесот на прочистување на судството ќе биде успешен

Верувам дека процесот на прочистување на правосудството ќе биде успешен. Важно е што извршната власт не е таа која треба да чепка, да помислува или да се инволвира на каков било начин во работењето на судовите или обвинителите. За тоа има надлежни институции – Судскиот совет и Советот на обвинители, порача денеска премиерот Зоран Заев, во одговор на новинарско прашање.

Прашан „за каков кредибилитет ќе зборуваме кога еден од оние кои одлучува за судиите и нивната стручност е обвинет за перење пари“, Заев рече дека тоа покажува оти законот важи подеднакво за сите.

– Без разлика дали некој е член на Судскиот совет, на Советот на обвинители, претседател на Владата, член на Владата, член на Парламентот, градоначалник. Прочистувањето на правосудството се прави како што се прави насекаде, согласно контролните механизми во институциите. Надлежен за контрола согласно нашите закони кои беа дел од регулативата за постигање на датумот за преговори со ЕУ беа законите од правосудството, еден дел е Законот за судовите и Законот за судски совет, појасни Заев.

Судскиот совет, додаде тој, е надлежен за контрола на судиите и тие постапуваат согласно законската надлежност и таму одлуките се носат колективно од страна на Судскиот совет.

– Секој член на Судскиот совет е само поединец, но одлуките се донесуваат колективно и секако сите потенцијално можеме да бидеме осомничени, обвинети и гонети за криминал. Секако презумпцијата на невиност треба секогаш да се почитува и притоа ќе се изјаснат судските инстанци, но тоа ниту може, ниту ќе влијае некако на независноста при прочистувањето на правосудството. Судскиот совет е надлежен за судовите, Советот на обвинители е надлежен за обвинителите. Јас верувам дека во периодот кој претстои по правило на слободата на транспарентноста, нашите граѓани ќе знаат се токму преку вас медиумите, истакна Заев.