Македонија
21. May 2018 - 14:23

Заев: Предлогот „Република Илинденска Македонија” е се уште на маса

Предлогот  „Република Илинденска Македонија” во Македонија не отпаѓа, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање денеска пред Кривичниот суд.

Овој предлог, според него, е вреден и е за длабоко размислување, затоа што ги исполнува очекувањата на мнозинството граѓаните на двете земји.

- Република Илинденска Македонија е име кое не го загрозува, туку напротив го зајакнува идентитетот на Македонија, а на Грција и дава сложено име со временска одредница, рече Заев.

Посочи дека тој и грчкиот премиер Ципрас целосно веруваат во ова решение и оти тие двајца се само само една од кариката во целиот овој процес.

- Ние сме Зоран и Алексис и ние сме повикани како претседатели на владите да ги носиме процесите. Знаете дека уште во првиот момент рековме дека постои опција што може да биде прифатлива за двете страни, а тоа значи да се види како политичките структури и институциите во државата стојат... Има институционални процеси во донесувањето на одлуките. Кај нив тоа е Парламентот преку ратификација на евентуалниот договор за решението, а кај нас се и Парламентот и граѓаните преку референдум и евентуалните уставни промени кои би се случиле затоа што во прашање е пакет, истакна Заев.

Според премиерот, Илинден и нашето Илинденско востание во 1903 и 1944 година немаат никакви територијални претензии и ништо не се загрозува од страна на Грција.

- За нас е важно затоа што не задира во нашиот идентитет, напротив го јакне, го сочувува нашето достоинството и ги постигнуваме условите кои за нас се важни, а исто така грчката страна добива ново име - сложено, добива одредница и уставни промени, рече Заев.

Тој изрази верба дека разговорите ќе продолжат и треба да му се даде шанса на овој предлог кој, како што додаде, верува оти е решение за 25-годишниот спор.

- Зборуваме за пакет, а не за поединечни делови. Не може да се очекува уставна промена во Македонија за било кое решение, затоа прифативме ние уставна промена,  затоа што е решение кое не не понижува. Ќе го сочуваме нашето достоинство, а притоа идентитетските прашања се фиксирани, а притоа ги исполнуваме и нивните услови, нагласи премиерот Заев пред Кривичниот суд.

Заев посочи дека состанокот во Њујорк на 24 и 25 меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција и Метју Нимиц е закажан од претходно и изрази верување дека решение може да се пронајде.