Македонија
20. December 2016 - 17:28

Заев: Одлуките на Управниот суд да бидат согласно законот

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека нема ниту позитивни ниту негативни очекувања од Управниот суд кој треба да се изјасни за тужбите на одлуките на Државната изборна комисија за парламентарните избори, но посочи оти очекува институциите да си ја завршат работата и оти имаат законско право за одлуката што ќе ја донесат.

- Значи немам ниту позитивни, ниту негативни. Јас сум должен како една од политичките страни која што ја претставувам, да барам институциите да си ја завршат својата работа. Како тие ќе одлучат тоа е нивно право согласно закон и слично. Знам дека ова е процес кој што треба да заврши, со постапки пред Државна изборна комисија, Управен суд, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по денешното рочиште за предметот „Поткуп“. 

На прашањето  што очекува на кого претседателот Ѓорге Иванов ќе го даде мандатот за формирање влада Заев упати на член 90 од Уставот на РМ.

- Член 90 од Уставот на Република Македонија е јасен, тоа вели дека Претседателот на Република Македонија го доделува мандатот на оној претседател на партија, на политичка партија или политички партии, коалиции коишто ќе докажат дека имаат мнозинство во Парламентот. Тоа значи минимум 61 пратеник, рече Заев.