Македонија
10. September 2018 - 22:10

Заев од Велес: Одлуката на референдумот е надпартиска, таа е за Македонија

Одлуката на претстојниот референдум е надпартиска, таа е за Македонија, за влез на земјата во Европската унија и НАТО, за живот за сите во Македонија.

Ова го порача премиерот Зоран  Заев на граѓанскиот собир во Велес „Излези ЗА европска Македонија. 

- Сплотени сме, единствени, ова е над партиите, над Заев, над Мицкоски, над Ахмети, над кој било во државата. Ова е за Македонија, нешто за што нашиот народ мора, треба и сака да одлучи. Доволно се 27 години влечкање, доволно е шлапање во калта. Време е за Европа, за НАТО, за живот за сите во Македонија, порача Заев.

Истакна дека со Грција е направен компромис, кој, како што напомена, иако „пече и боли во градите“ е вреден затоа што ги отвора сите перспективи за Македонија. Додаде дека е признаен македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

- Направив компормис затоа што што само преку него може да одиме напред, да излеземе од мртва точка, да чекаме бенефиции, предности за сите граѓани, рече Заев за Договорот со Грција и додаде дека тој е достапен и оти сите имаат можност да го прочитаат.

Упати апел до сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност да немаат дилема во однос на сериозната одлука пред која се исправени.

- Ова е исправната одлука за иднината, за нашите деца, за Велес, за нашата Македонија. Бизнисмените се засегнати директно и преку сите комори, затоа што не е исто да продаваш на пазар од два милиони и на пазар од 500 милиони жители, не е исто граѓаните да имаат повеќе или помалку пари. Знам и јас. И јас на 30. нема да правам ајвар, нема оти може да правам откако ќе изгласаме, рече премиерот пред граѓаните во Велес.

Аце Коцевски, градоначалник на Велес истакна дека референдумот не е политичко прашање на кое треба да имаат монопол за одлучување СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Тој, рече Коцевски, е надпартиски, надполитички, од највисок стратешки судбински интерес за сите граѓани на РМ.

- Се согласувам дека одлуката за ставање придавка пред вековното име Македонија не е лесна, но апелирам ве замолувам да бидеме реални. Нема место за сомнеж дека во тешките децениски преговори во апсурдниот спор со Грција можело да се постигне подобар договор, ако тоа било можно тоа ќе го направел нашиот тим, рече велешкиот градоначалник.

Ние, посочи тој, „не губиме речиси ништо, а добиваме многу. Го задржуваме зборот Македонија во името“, потенцира, „го зачувуваме и зацврстуваме идентитетот“.

- Нашиот македонски јазик ќе биде рамноправен со другите европски јазици на земјите членки на ЕУ и гордо ќе звучи во Европскиот парламент и во другите институции на ЕУ, рече градоначалникот Коцевски.