Македонија
19. May 2020 - 16:45

Заев очекува договор за избори, ако нема најавува избори на 21 јуни

Ако во наредните 7 до 10 дена не се постигне договор за датум за избори, тогаш тие ќе се одржат на 21 јуни дециден е лидерот на СДСМ Зоран Заев по вчерашната неуспешна лидерска средба. Датумот е одбран согласно рокот на вонредната состојба, но и роковите што ги давал Уставот и уредбата за избори. Се надвор од тоа, според Заев, би било неуставно одложување на изборите и можност резултатите да паднат на Уставен суд.

Заев смета не може да има бојкот на изборитe бидејки партиите поднеле кандидатски листи, туку само бојкот на кампањата. Очекува секој, вклучително и ДИК, но и  претседателот на ова тело, Оливер Дерковски да го почитуваат законот, а во спротивно, рече ќе бара одговорност.

Лидерот на СДСМ тврди дека освен ВМРО-ДПМНЕ сите дале поддршка за брзи избори.

Поддршка дадоа ДУИ, ДПА, БЕСА, а Алијансата за Албанците излезе со датум 27 јули. Поддршка дадоа генерално сите освен ВМРО-ДПМНЕ која алудира крај на крајот на лето или почеток на есента, изјвави Заев.

Но официјално, освен ДПА и БЕСА, останатите албански партии сепак, имаат свои прогнози и барања кога би можело да се одржат изборите.

Од Алијансата на Села веќе се изјаснија дека за нив најрано прифатлив датум за избори е крајот на јули и почетокот на август.