Македонија
6. November 2018 - 16:14

Заев: Ново законодавство и мерки против бездомните кучиња - граѓаните исплашени за безбедноста

Со промена на комплицираните закони,  премиерот Заев најави олеснување за локалните власти во справувањето  со глутниците кучиња кои се сериозна закана за безбедноста на граѓани. Многу општини немаа стационари за згрижување, а премиерот најави и подобрување на условите во Вардариште кој не е многу функционален.

- Мораме да создадеме начин како тоа да го организираме, да ги заловуваме кучињата кои растат во се поголем број. Државата мора да поведе грижа, иако за тоа се надлежни општините. Еден начин е преку промена на законодавството, но и кон повнимателно слушање на ветеринарите и експертите од оваа област и спроведување на нивните укажувања од страна на локалните власти, изјави Зоран Заев, претседател на Влада.

Што советуваат ветеринарите а општините не спроведуваат, не добивме одговор од Агенцијата за храна и ветеринарство и покрај нашето барање. И додека дел од надлежните молчат, граѓаните реагираат дека се плашат да не бидат нападнати од улични кучиња, особено по трагедијата во Гостивар.

-Еве сега внучето се исплаши од едно кучќе што помина покрај нас. Опасно е, треба да најдат решение.

Јас се плашам, и во фамилија имам нападнат член и ми е страв...реагираат граѓани.

Центарот на Скопје е запоседнат со глутница кучиња а таа слика постојано ја глердаат и странските туристи.

-Овие кучиња кои сега се печат на ноемвриското сонце, во утринските и вечерните часови се сериозна закана за минувачите. Пред само два месеци, на скопскиот плоштад беше нападнат и изгризан граѓанин на велосипед.

Дека состојбата со бездомните кучиња е навистина сериозна и алармантна покажуваат и бројките од инфективното одделение во ГОБ 8-ми септември. Овие десет месеци секој ден имале по еден пациент изгризан од куче.

-Значи за оваа година имаме 317 пациенти кои завршиле кај нас со повреди и каснувањ аод кучиња а терапија против беснило е дадена кај 210. Во споредба со лани бројката е за 100% зголемена, вели др. Пеце Илчевски, раководител на инфективно одделение во ГОБ 8-ми септември.

Од друга страна, од најгласното здружение за заштита на животните Анима Мунди, реагираат дека трагичнито анстан во Гостивар е само доказ колку проблемот е вон контрола. Тие нуделе решенија, но никој не ги слушал.