Заев на одмор до Илинден, преговорите за Влада течат само неформално
Лидерот на СДСМ Зоран Заев заминува на неколку дневен одмор во земјава. Преговорите за новата Влада која ја најави веднаш по објавувањето на резултатите ќе го остави по Илинден, соопштуваат од СДСМ. Од партијата, и по објавата на резултатите од ДИК дека коалицијата СДСМ – БЕСА освоила 46 мандати, што е само за 2 повеќе од оние на ВМРО-ДПМНЕ, велат дека мандатот за состав на владата е во нивни раце, а следниот премиер е токму Заев.
Имајќи го предвид изминатиот период исполнет со корона криза и предизборни кампањи, СДСМ се залага во деновите до и околу Илинден граѓаните да може да здивнат од политичките активности на партиите. После Илинден, согласно законските рокови, влегуваме во процес на дефинирање на владината коалиција водена од СДСМ, соопштуваат од СДСМ.
За да состави влада на Заев му недостасуваат 15 пратенички мандати. Токму толку колку што освои ДУИ, но односите меѓу доскорешните владини партнери беа влошени во предизборието. Заев го одби и предлогот на Ахмети за премиер Албанец. Сепак, ова не мора да значи ништо.
15-те пратеници на ДУИ пак, се клучни и ВМРО-ДПМНЕ со 44 пратеници да добие шнаса да составува владин кабинет. Можноста за ова ја отвори вчера Мицкоски без да открие со кого се би седнал да преговара иако и тој не се согласува околу идејата на ДУИ за премиер Албанец.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска нема информации за контакти со други партии. Од таму се уште имаат забелешки на изборниот процес.
Јас никогаш нема да го прифатам овој резултат затоа што не ја одликува реалноста и сме сведоци на најголемиот фалсификат во историјата. Но, за мене е важна поддршката од сите граѓани што ни ја дадоа и веруваа во нас и тоа е мојата водилка за борбата секогаш да ја продолжиме, напиша потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук.
Додека Заев заминува на одмор, Ахмети, иницира дијалог со сите албанските партии, слично на Платформата од 2017 година по декемвриските избори од 2016 година. Тој на Фејсубк објави дека телефонски веќе разговарал со лидерот на ДПА мендух тачи и на БЕСА Касами, а следуваат разговори со останатите албански лидери Села, Гаши и Ибраими.
„Заеднички ќе го процениме резултатот од изборите и ќе размениме мислења“ напиша Ахмети.
Од коалицијата Алијанса - Алтернатива велат дека не можат ништо да откријат ништо околу преговорите за Влада бидејќи изборниот процес не е завршен, но потенцираат дека декларацијата на албанските партии е реафирмирана и во сила.
Дека во ДУИ се уште нема одлука со кого би формирал влада, говори и фејсбук статусот на Бујар Османи. Без посебен коментар тој на 44 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ги припојува и двајцата пратеници на Левица со што се изедначува бројот на народни избраници на досегашната опозција со оние кои ги поседува СДСМ.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
