Македонија
23. August 2017 - 8:32

Заев на ЦО: СДСМ е фаворит на претстојните локални избори

Членовите на Централниот одбор на СДСМ вчера на проширена седница со претседателите на општинските организации на партијата дискутираа за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на спроведување реформи во државата и донесоа неколку одлуки во пресрет на локалните избори, соопшти партиската прес-служба.

Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, во обраќањето пред членовите на ЦО потврди дека партијата е целосно подготвена за убедлива победа на претстојните локални избори.

- Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е фаворит на локалните избори. Граѓаните ги препознаа новите политики, новите вредности, кои носат повисок животен стандард, повеќе пари кај граѓаните, професионални и независни институции. Со победата на СДСМ на локалните избори, почнатиот процес на реформи ќе продолжи и на локално ниво. Општините ќе работат за граѓаните. Решавањето на нивните проблеми на локално ниво ќе станат реалност. Македонија ќе оди напред како едно општество за сите, потенцира Заев.

Централниот одбор ја потврди позицијата дека СДСМ останува отворена за можен коалициски настап на локалните избори со други политички партии врз основа на принципи и вредности коишто ги штитат граѓанските и државните интереси. Со оваа одлука на Централниот одбор се отвора простор за политички разговори, врз принципиелни основи, за можна соработка на СДСМ со други партии на локалните избори.

На седницата, за претседавач со Централниот одбор е избран Пеце Мирчески. Во контекст на престојните локални избори Централниот одбор на СДСМ го избра Миле Зечевиќ за шеф на Изборниот штаб, кој беше реизбран и како организационен секретар на партијата. Дејан Павлески е избран за претседател на Комисијата за изработка на програмата за локалните избори.

Централниот одбор оцени дека досегашната работа на Владата на Република Македонија дава видливи резултати. Наследените проблеми од минатата власт се решаваат етапно, Македонија постигнува успеси на меѓународен план, се спроведуваат мерките коишто ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните, ќе ја покачат минималната плата, ќе обезбедат поголема транспаретност и отченост на власта и ќе обезбедат напредок на државата, во интерес на сите граѓани, соопшти прес-службата на СДСМ.