Македонија
5. January 2018 - 16:45

Заев ќе оди во Давос – Можност за прва средба со грчкиот премиер Ципрас

По новата рунда преговори за името, што ќе се одржи овој месец во Њујорк и во која двете страни се очекува суштински да навлезат во решавањето на спорот за името, од владата потврдија дека премиерот Заев ќе патува на економскиот форум во Давос, каде се отвора можност за прва средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, иако агендата на билатерални средби се уште не е утврдена.

Во меѓувреме по приватната посета на Солун за новогодишните празници, со цел подобрување на климата помеѓу двете земји и народи, Заев даде получасовно интервју за грчката телевизија Алфа, што ќе се емитува во ударниот термин на божиќната ноќ.

Како што најавува телевизијата, Заев во првото интервју дадено за грчки медиум, ја повторува намерата да придонесе во преговорите со заемни отстапки за името. Обраќајќи се и кон грчкиот народ и кон народот на неговата земја, Заев вели дека е во интерес и на двете земји да се најде решение за прашањето за името во првата половина на 2018 година.

- Зоран Заев ги отфрла практиките на неговиот претходник Никола Груевски и објаснува зошто не се согласува со позицијата на претходните премиери, дека „Скопјаните се единствени наследници на Александар Велики“, наведува телевизијата во најавата за интервјуто, и додава дека од разговорот, се откриваат намерите на Скопје и до кој степен е подготвено да направи отстапки.

Грчкиот премиер Ципрас, пак смета дека постои прозорец на можност за решавање на спорот и дека е неопходно да се донесат одлуки. 

Во интервју за утрешното издание на весникот „Неа селида“ Ципрас вели:

- 2018. е важна година за Грција, не само затоа што по цели осум години, конечно излегуваме од меморандумите, туку и поради тоа што истовремено се отвора еден важен прозорец на можност за решавање на името. Убеден сум дека сега е дојдено време да ги донесеме неопходните одлуки, за да ја оправдаме улогата на Грција како водечка сила на Балканот, но и како столб на стабилност во поширокиот регион.

Ципрас ја критикува опозициската Нова демократија, заради неодговорната позиција, заборавајќи и на историската одговорност за нерешавањето на проблемот во минатото и на позитивната одлука од Букурешт.

Нова Демократија, која е клучна за постигнување консенсус за решение на спорот во грчкиот парламент, засега стои по страна. Лидерот на партијата Киријакос Мицотакис за грчки ,,Капитал‘‘ изјави дека се уште чека на конкретни информации од владата.

- Очекувам Ципрас во целост да ја искаже владината позиција, во име на двата коалициони партнери. Сметам дека нема потреба да се продолжува со оваа дебата се додека опозицијата не биде официјално информирана за преговорите кои беа заглавени. Тоа што можам да го кажам е дека нема официјална информација, за разлика од тоа како се постапуваше порано. Значи, очекуваме владата кога ќе оцени дека треба да ја информира опозицијата и тоа за конечниот владин став, изјави Мицотакис.

По американскиот дипломат Хој Ји, денеска и од Европската комисија ги поздравија чзголемениот ангажман и комуникацијата на македонската влада со грчките партнери со цел зајакнување на добрососедските односи и се надеваат дека тоа ќе даде конкретни резултати.