Македонија
14. August 2019 - 16:08

Заев и денеска бара брза и независна истрага за „Рекет“, потсетува дека тој прв го пријавил случајот

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев очекува независна и прецизна истрага за случајот „Рекет“ која според него мора да заврши што поскоро. Резултатот од истрагата мора да донесе преземање одговорност, вели премиерот во интервју за државната агенција МИА.

 „Потсетувам дека прв го пријавив случајот, и во тоа својство, и како граѓанин и како премиер имам целосно право да барам сите замешани во случајот кои прекршиле закон да си одговараат со соодветни казни, во транспарентна правосудна постапка. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сѐ да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви“, вели Заев.

Примарна цел во расветлувањето на случајот „Рекет”, според него, мора да биде јавниот, а не личниот интерес. При тоа, Заев вели, дека (ТЕЛОП 2)„секој граѓанин, без разлика дали е политичар или новинар, има обврска кон правната држава и кон јавниот интерес сите индиции и информации за злоупотреби да ги пријави во истражните органи“.

Во однос на неговата изјава која предизвика силни рекации поради тоа што користи недолични лични квалификации во врска со „Рекет“ и вмешаноста на владини функцинери, Заев вели дека има право да користи термини како секој друг граѓанин.

„Како што јавно, без предрасуди верувам и се залагам за праведно општество, исто така го почитувам и сопственото право со термини и речник што го користи секој наш граѓанин да посочам на поединци или појави што се негативни во општеството. Зборувам за карактери на луѓе и нивно однесување“, вели премиерот.

Притоа додава, дека и тој и Владата цврсто стојат на тоа дека сите луѓе се еднакви и дека оваа Влада направила многу за „почитување на различностите на сите заедници во земјата, вклучително и ЛГБТИ заедницата“. Заев коментира и дека неговиот кабинет направил многу и за демократизација и реформи во медиумите.

„Во исто време, моја обврска како премиер е да ги информирам граѓаните за сите појави во општеството и нивната позадина. Ова во никој случај не значи никаква закана, ниту застрашување, влијание или притисок врз било кого во неговата работа, без оглед какви се намерите. Ако од некого сум бил погрешно разбран или протолкуван, навистина жалам“, објаснува премиерот.

За тоа кои се последните пораки од Брисел особено во контекст на евроинтеграциите, Заев вели:

„Tие очекуваат целосно и неселективно расчистување на сите случаи на корупција и дека институциите на системот се должни во брза и ефикасна постапка да ги расчистат актуелните случаи, а притоа без одлагање да се процесуираат предметите кои произлегуваат од незаконското прислушување од минатото“.

Меѓународните партнери, од премиерот, побарале и да продолжат напорите на политичките партии за усвојување на Законот за јавно обвинителство. Заев уверува дека државата има капацитети, како што вели, да се спротивстви на планот на непријателите кои со криминалци, манипулатори и измамници се обидуваат да го спречат успехот на земјава, членството НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.