Заев: Граѓаните на крајот ќе одлучат
Верувам дека нашиот народ ќе донесе мудра одлука. Јас сум политичар кој им служи на граѓаните. Направив договор, не беше лесно да не се постигне. Преговарале многу претходно пред мене, ако било лесно ќе направеле договор. Тешко беше, но сега имаат шанса граѓаните, ќе се изјаснат дефинитивно на референдум. Јас сум убеден дека огромно мнозинство ќе ги поддржи овие перспективи кои и се на дофат на Македонија, истакна премиерот Зоран Заев во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Многу верувам на договорот, потенцира, но истовремено сум многу среќен што граѓаните ќе имаат можност конечно да одлучат за каква иднина ќе се определиме.
- Граѓаните како никогаш досега ги знаат сите факти за да донесат решение и на крајот ќе одлучат. Резултатот од референдумот ќе биде задолжителен без разлика дали ќе се определиме да биде обврзувачки или консултативен. Тоа значи ако мнозинството на граѓаните е „за“ тогаш договорот е важечки, ако, пак, мнозинството е „против“ тогаш не важи ниту ратификацијата на договорот ниту, пак, договореното име, прецизира Заев.
Референдумското изјаснување, посочи, е врв на демократијата по вакво важно прашање и граѓаните точно ќе определат, ќе застанат, ќе помислат во кој правец се движиме.
- Во минатото СДСМ беше против референдум за името, сега сме за, додека ВМРО-ДПМНЕ цело време беше за референдум. Се надевам дека опозицијата ќе изнајде сили за да се организира референдумот и оти претседателот Ѓорге Иванов нема да ги опструира процесите кои ќе следуваат. Треба да се најде начин како да не се поништи Парламентот со џебно вето како со Законот за јазиците, рече Заев.
Овој договор што го постигнавме, додаде, дава можност сите да бидат запознаени со деталите.
- Досега беа само дебати, правеа напори и претходни влади, разговарале, полуинформации, дел случавме од „бомбите“, се случуваа разни работи. Сега имавме еден транспарентен процес, договор јавно достапен, ги знаат сите и предностите и слабостите на договорот. Критичкиот осврт на двете опозиции во Македонија и во Грција само по себе покажува дека и двете страни добиле и двете страни нешто изгубиле, рече Заев.
Тој нагласи дека не е првпат Македонија да прифати ерга омнес. Тоа, како што кажа, се случило во времето кога не се преговарало за идентитетот, бидејќи грчката влада не го признавала.
- Никола Груевски во 2012 и 2013 година прифати име за севкупна употреба Горна и Северна Македонија, но Грција не го прифати тоа бидејќи беше премногу испорвоцирана со „Скопје 2014“ и преименувањето на аеродромот и автопатот, потенцира Заев.
Посочи дека договорот е огромна придобивка за Република Македонија. Со Договорот, нагласи, конечно имаме земја признаена од сите, од целиот свет, конечно имаме земја во која живее признаен македонски народ кој зборува признаен македонски јазик.
- Завршува времето кога бевме буквално со психолошки тегоби, кога гледавме како ни кажуваат јазикот на вашата земја, народот на вашата земја, а бевме ФИРОМ употребливи насекаде, буквално од самостојноста го носиме тоа бреме, тој тег кој не влечеше доле, истакна Заев.
Конечно, посочи, можеме да излеземе на површина и да бидеме нормална земја, граѓаните да чекаат надеж, перспективи овде во Македонија, да обезбедиме иднина за нашите деца и за децата на идните генерации.
- Верувам во овој договор, знам дека не е така лесен, боли, чепка во душата затоа што имаме промена на Устав заради уставно име и мене ми е тоа јасно, но на крајот е факт дека од географскиот регион Македонија ние сме северниот дел. При тоа Грција ни признава народ, јазик, имаме Македонец, Македонка, македонски јазик, македонски народ. Конечно вековната аспирација на нашите предци да имаме своја земја признаена од сите ја добиваме, рече Заев.
Појасни дека морале да прифатат промена на Уставот заради уставното име. - Само така можеше да помине од страна на Грција и конечно да го изградиме тоа пријателство со земја сосед. Ние се уште имаме бели листови на границата кога одиме, се уште имаме таму нападнати граѓани. Нашиот сосед е сериозна пречка за интеграцискиот процес. Нема ни НАТО ни ЕУ без решение на овој проблем. Апелирам до граѓаните да го читаат внимателно договорот и ќе видат дека имаме и праведно и паметно решение, рече Заев.
Во врска со протестите пред Собранието, рече дека мора уште еднаш да го осуди насилството.
- Насилството не е решение за ништо. Правото на слободно изразување на ставот, на протестот на револтот, е демократско и тоа никаде не е ускратено. Апсолутно мислам дека реакцијата на полицијата е оправдана посебно заради тоа што внимавале во делот на постапките, додаде Заев.
Прашан дали паралелно со референдумот ќе се организираат и предвремени избори, Заев одговори дека анкетите се на нивна страна и додаде дека не посакува предвремени избори заради доброто на економијата.
- Но, тоа не зависи само од мене. Пречести избори се штетни за економијата. Чесно е цел мандат да се истера. Кога знаат дека изборите се редовни бизнисмените можат да планираат и да инвестираат, рече Заев.
Ново на Сител
-
Силекс лидер во Првата македонска фудбалска лига
-
Одбрано новото раководство на СДСМ: Александар Димитријевиќ нов генерален секретар, избрани потпретседатели
-
Масовна тепачка во скопска кафеана за тоа кој да ја плати сметката
-
Крадец влегол во домот на скопјанец и украл парчиња накит, потоа го нападнал и сопственикот
-
Измамен 54-годишен за 730 илјади денари, му кажале дека има 15.000 долари заглавени во банка
-
Тешка сообраќајна несреќа на магистралата Гостивар – Кичево
-
Во Основниот суд во Куманово продолжи рочиштето против кумановскиот градоначалник Димитриевски
-
Последиците од договорите со Грција и Бугарија се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот, смета претседателот на МАНУ