Македонија
5. јуни 2018 - 16:12

Заев го повика Иванов да го потпише Законот за јазици

Правните експерти предупредуваат дека Законот за употреба на јазиците сериозно ќе влијаае и врз водење на правосудните постапки. Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев вели дека  ова законско решение е донесено без советување со правната фела, а неговата примена ќе ја отвори Пандорината кутија.

„Се’ уште имаме закони кои не ги пратат финансиските импликации на промените. Допрва ќе треба да ја отвориме и Пандорината кутија околу употребата на Законот за јазици во правосудните постапки. Законот беше донесен со политичко ура, но без консултации со правната фела. Ние допрва треба да седнеме да видиме како тоа ќе се одрази во оваа сфера, колку ќе чини итн“, рече проф. д-р Гордан Калајџиев.

Ваква порака професорот Калаџиев испрати седејќи на иста маса со премиерот Заев, чиј став е сосема поинаков. Заев повторно го повика шефот на државата да го потпише Законот за употреба на јазиците за Македонија да оди напред. На неколку средби Заев се обидел да го мотивира Иванов да стави потпис на ова законско решение, да не го крши Уставот и да не ја блокира работата на Собранието.

„Тоа испраќа порака дека претседателот може да си одлучи кога сака и кој закон сака да го стави во таканареченото џебно вето. Тоа не е функционална демократија. Одговорноста е преголема. Овде се крши Уставот. Само ја користам пригодата да апелирам да се стави потписот и да се повикаат институциите, Уставниот суд, да се обратиме до Венециската комисија. Тие се тие надлежни за она што треба да го кажат“, рече Заев

Скоро три месеци власта го чека потписот на Иванов, за законот за употреба на јазиците да стапи на сила. И покрај ветото од шефот на државата, Собранието го донесе ова законско решение кон средината на март, во тензична атмосфера и без поддршка од опозицијата. Иванов укажа на 19 противуставни членови на законот и 20-тина забелешки кои никогаш не се најдоа пред пратениците.