Македонија
30. August 2018 - 15:46

Заев: Гласањето на 30 септември е референдум за зацврстување на независноста

Гласањето на 30 септември на многу начини е уште еден референдум за зацврстување и потврдување на нашата независност. Заедно ќе ги обезбедиме нашите граници, ќе го афирмираме нашето културно наследство и нашата посебност и ќе добиеме сигурна перспектива за иднината како членка на НАТО и ЕУ, истакна премиерот Зоран Заев, промовирајќи ја кампањата за престојниот референдум „Заедно ЗА европска Македонија“.

Пред присутните поддржувачи во Клубот на пратениците во Скопје, премиерот Заев рече дека само референдумот за независност од пред 27 години  може да се спореди со предизвикот со кој се соочуваме денес.

- Она во што сум убеден и што посебно импресионира е тоа што, како и во 1991 година, овој референдум за иднината на Македонија ќе се оствари со консензус како што се случи и со референдумот за независноста. Граѓаните ќе бидат заедно за европска Македонија. Време е Република Македонија да тргне уште побрзо по вистинскиот пат, пат кој е над дневните расправии на политиката и жестоките полемики во нашето општество, нагласи Заев.

Додаде дека ни престои настан со историски пропорции што ќе влијае на годините што доаѓаат и оти иднината на нашите деца е поважна од сите политички партии.

- Јас сум убеден дека и ВМРО-ДПМНЕ која е долго време поборник за нашата интеграција во ЕУ и НАТО има силни причини да се приклучи. Знам дека и ВМРО-ДПМНЕ се за европска Македонија, како што знам дека не се согласуваат со постигнатиот договор со Грција. Критикувајте не за договорот со Грција, но немојте да ја пропуштите оваа шанса нашата земја да стане членка на НАТО и ЕУ. Оваа шанса е неповторлива. Ние можеме да имаме политички разлики и да продолжиме со нашите секојдневни политички битки, и порача Заев на опозицијата.

Најави дека со кампањата ќе се информираат граѓаните за придобивките од интеграциите во ЕУ и НАТО и ќе им биде објаснето дека македонско-грчкиот договор е договор за македонската иднина.

- Безбедната иднина не доаѓа лесно и едноставно. Никој не може да негира дека моравме да направиме компромис. Тоа е болно и јас целосно го разбирам тоа и подеднакво го чувствувам, но во основата на секој компромис лежи напредокот, поместувањето од мртва точка. Но, кога утре во европска Македонија ќе ги погледнеме во очи нашите деца, ќе ја сфатиме величината на тој компромис, рече Заев.

Посочи дека во коалицијата што ќе води кампањата „Излези ЗА европска Македонија“ заедно се здружени околу стотина субјекти и оти очекуваат таа бројка да расте. 

Нагласи дека придобивките од зачленувањето во НАТО ќе ги почувувствува секое семејство и оти веќе следната година 50 милиони евра ќе одат за земјоделство, образование и инвестирање во иновации. 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети порача дека референдумот е изјаснување за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО и за едно подемократско општество со целосно владеење на законот и беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал.

 - Нашата земја, ние како политичари, нашето општество, се наоѓаме пред клучни моменти кога е потребна храброст и одлучност. Сите ние сплотени ве повикуваме да гласаме за Европа за НАТО. Ја повикувам и опозицијата да се приклучи на заедничкиот успех бидејќи од постројувањето на нашта земја во ЕУ и НАТО придобивка имаат државата и граѓаните, но исто така и опозицијата. Ги повикувам и сите тие кои се уште се двоумат и ги калкулираат нивните позиции поради дневно-политички потреби да се надминат себе си и да застанат заедно со прогресивните сили во земјата, нагласи Ахмети.

Според него, сега е времето за лидерство, за храброст и политичка визија, а не за калкулации и двоумења.