Заев – Филип: За испорачаното Северна Македонија очекува исполнување на ветувањето на ЕУ
Македонскиот премиер Зоран Заев, на маргините на Самитот за Западен Балкан во Познањ оствари средба со неговиот француски колега Едуар Филип.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на средбата, на која присуствуваа и заменик – премиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, истакна дека Република Северна Македонија е целосно посветена на остварување на ЕУ агендата и дека во таа насока се остварени сите неопходни очекувања од земјата испорачани на минатогодишниот состанок на Европскиот Совет.
Врз основа на остварените препораки од јуни минатата година, за остварување на зацртаните реформи во правосудството, борбата против организираниот криминал, реформата на безбедносните служби и во јавната администрација, дојде и препораката од Европската комисија за безусловен старт на преговорите на ЕУ со Република Северна Македонија, потенцираше премиерот Заев на средбата, истакнувајќи дека земјата ги исполни сите реформски и политички очекувања, вклучувајќи ги и уставните промени за името на земјата, и дека за испорачаното земјата очекува и исполнување на ветувањето на Европскиот Совет за почеток на преговорите во октомври.
– Таквата одлука ќе биде јасна порака и за другите во регионот дека вреди да се вложува во реформите и во унапредувањето на билатералните односи во регионот, како и во регионалната соработка. Ја поддржуваме дебатата за реформи во ЕУ, но убедени сме дека тој процес може да оди паралелно со процесот на преговори и за проширување со земјите од регионот, нагласи премиерот Заев.
Францускиот премиер на средбата го нагласи заедничкиот интерес што го делат Франција и Северна Македонија да работат на продлабочување на билатералните односи и на економската соработка.
Филип ја изрази поддршката за напорите за продолжување на зацртаните реформи за владеење на правото и упати честитки за Договорот од Преспа и за имплементирањето на придобивките од новата добрососедска реалност што ја оствари земјата со соседите во регионот.
Како што јави дописничката на МИА, Франција е една од највоздржаните земји во однос на процесот на проширување на ЕУ, што доведе до повторно одлагање на отворањето на преговорите за членство за Северна Македонија во јуни.
Според дипломатски извори, Франција ќе ја донесе одлуката за преговори со земјава врз основа на постигнатите резултати. Францускиот премиер притоа порачал дека на Европската Унија и претстојат важни внатрешни реформи, значајни за иднината на ЕУ како и за иднината на Западниот Балкан.
Лидерите на ЕУ во јуни по втор пат ја одложија одлуката за отворање на преговори со Северна Македонија и Албанија и ветија дека ќе се навратат на прашањето најдоцна до октомври.
Денешниот самит на лидери на земјите од регионот и на некои држави на ЕУ во Познањ се одржува во рамките на Берлинскиот процес со кој во моментов претседава Полска. На состанокот е присутна германската канцеларка Ангела Меркел, но не и францускиот претседател, Емануел Макрон.
Ново на Сител
-

Пожар на Исар во Штип, загрозени куќи – се бара воздушна поддршка
-

Над 400 монети откриени на локалитетот Градиште кај Битола, меѓу нив и од Филип II и Александар Велики
-

Струмица ќе подигне спомен обележје во чест на загинатите пилоти од Хеликоптерската единица на МВР
-

Во Грција ќе пристигнат 245 пожарникари од четири земји за да помогнат во справувањето со пожарите
-

Мицкоски: Нашата визија е јасна - да изградиме држава во која успехот нема да зависи од привилегии, туку од знаење
-

СП 2026: Хрватскиот селектор смета дека одиграле натпревар со многу емоции
-

Мицкоски: Одржливоста веќе не е избор, туку предуслов за конкурентност
-

Руско МНР: Москва е подготвена да ги продолжи преговорите со Киев

