Македонија
24. May 2021 - 19:58

Заев е оптимист за напредок, Радев порачува дека европскиот пат на Македонија минува низ Софија

Оптимизам во Македонија и притисок во Бугарија во пресрет на заедничкото патување на Пендаровски и Радев на чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј во Рим.
Македонскиот претседател во авионот на бугарскиот колега влегува со желба за релаксација на односите меѓу двете земји и план за неформални разговори со Радев за бугарскиот проблем.

Премиерот Заев и денеска повтори дека португалскиот предлог е добра основа за решение на проблемот. Вели, португалското претседателство водело сметка за интересите и на двете страни  додавајќи дека очекува час поскоро Бугарија да го признае македонскиот јазик и идентитет. Очекува европскиот дух на Пендаровски и Радев да даде поттик кон решение за бугарското вето

Радев вели дека заедничката посета на Рим ја покажува политичката волја на Бугарија да гради добрососедски односи. Призна дека трпи притисок од Брисел но уште еднаш потенцираше дека за Македонија, патот до Европската Унија води преку Софија

Радев во среда од Софија кратко со својот авион ќе слета во Скопје за да ја земе македонската делегација и по кратка средба со Пендаровски на скопскиот аеродром заедно продолжуваат во Рим каде се најавени одвоени средби со папата и заеднички поклон пред сесловенските просветители. Нивното заедничко патување доаѓа само неколку дена по официјализирањето на португалскиот предлог кој според она што го објавија бугарските медиуми не бил прифатлив за бугарската страна.

Во исчекување на заедничкиот лет на Радев и Пендаровски,  македонските и бугарските амбасади во Белград, Прага, Варшава и Киев организираа заедничко чествување на Денот на сесловенските просветители. Од МНР велат дека заедничкото одбележување е во Духот на Договорот за добрососедство