Македонија
3. November 2020 - 20:18

Заев е оптимист во однос на прашањето со Бугарија, утре ќе разговара со Меркел

Има оптимизам и треба да има оптимизам, во однос на решавање на прашањето со Бугарија, изјави премиерот Зоран Заев, вечерва во централниот дневник на телевизија Сител, по вчерашниот разговор во Берлин на шефот на дипломатијата Бујар Османи и вицепремиерот Никола Димитров со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.

Премиерот Заев најави дека е планирано утре да разговара со германската канцеларка Ангела Меркел.

Информирајќи дека за време на средбата во Берлин, тој бил  онлајн со Османи и Димитров, Заев потенцира дека гледа оптимизам и во обраќањето на Захариева, но и во фејсбук статусот на премиерот Бојко Борисов.

Тој истакна дека е добредојдена помошта од Германија и оцени дека даваат резултати честите комуникации помеѓу работните групи и минситрите од двете страни, бидејќи се работи за две пријателски земји. Потсети дека Бугарија го врати фокусот на Западен Балкан во ЕУ и ја има желбата да продолжи европеизацијата на Западен Балкан.

– Сега сме ние на ред Република Македонија треба да ги отвори поглавјата преку првата меѓувладина конференција. Се трудам да има целосно разбирање. Двете страни сакаат да има решение, рече Заев.

Во однос на споменатата декларација од страна на Бугарија, Заев појасни дека се работи за изјава односно нота до Бугарија и до ЕУ дека Република Македонија и Македонија се едно исто и реферираат на политичкиот субјект на државата – Република Македонија, притоа со нашиот Устав е гарантирано дека немаме територијални претензии према никој од соседите, ниту кон Бугарија.

Што се однесува за името на државата и јазикот премиерот Заев подвлече дека во овој момент може да се најде решение за сите дилеми и отворени прашања.

– Во однос на јазикот да продолжиме со билатералната спогодба. За нас македонскиот јазик е согласно Уставот и бугарскиот јазик е согласно нивниот Устав. ЕУ го признава македонскиот јазик, го има веќе во преводите на состаноците накои се одржуваат низ европските тела и институции, заклучи Заев, додавајќи дека постои можност да се постигне договор затоа што денеска јасно декларираат оти ја признаваат реалноста, постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик и сега се зборува за историјата.

Според Заев, историјата, како што рече, генерално политичарите не треба да ја решаваат, постојат историчари и низ комисиите тие треба да го најдат решението.