Македонија
16. јуни 2019 - 19:53

Заев: До крајот на годината ќе почнат преговорите со ЕУ

Доколку е потребно треба да се размисли за тоа Македонија и Албанија да не се разгледуваат како земји што во пакет треба да влезат во Европската Унија, порача германскиот амбасадор во земјава. Според него, државата го направила потребното за почеток на преговорите и не треба да зависи од резултатите и напредокот на друга земја.

“Република Северна Македонија треба да добие датум за преговори. Во претходните две години, државата и Владата направија се што е потребно. Мислам дека Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговори. Јас мислам дека најдобра идеја би било да влезат заедно во Европската Унија. Многу е важно Западен Балкан како регион да има заеднички пакет, но доколку е потребно треба да размислуваме и за раздвојување со цел да не казниме една земја поради неисполнувањето на друга држава. За стабилност на земјата потребно е да остане оваа Влада и да не се планираат нови избори”, изјави Томас Норберт Герберих, амбасадор на Германија.

Францускиот амбасадор, пак, вели дека потребно е напорно да се работи.

“Не е време за борба, туку за работа. Треба да направите нови реформи, а потоа ќе видиме што може да се направи”, рече Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција.

Премиерот Заев останува оптимист дека до крајот на годинава земјава ќе добие датум за преговори за влез во Унијата.

“Нашиот народ и нашата земја го заслужија тоа. Јас очекувам во септември или октомври земјата да добие датум за преговори, а кон крајот на годината да отпочнат преговорите. Драго ми е што имаме шанси до крајот на годината да бидеме полноправна членка на НАТО. Тогаш ќе почнат и преговорите со ЕУ, така што можеме успешно да ја завршиме оваа година во поглед на интеграциските процеси”, изјави премиерот Зоран Заев.

Заев очекува дека претстојниот Самит на Европската Унија ќе го потврди извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.