Македонија
1. August 2019 - 11:33

Заев – Борисов: Покажавме како се гради добрососедство, ќе ги решиме и останатите отворени прашања

Во изминатите две години по потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка завршени се многу работи кои порано беа незамисливи, благодарение на владите во Скопје, Софија и Атина, со кои се отвори перспективата Северна Македонија на паток кон Европа, истакна бугарскиот премиер Бојко Борисов на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

– Не беше лесно, беа вложени големи напори што дадоа резултати, кои беа препознаени и наградени со заедничкото претседателство на Бугарија и Северна Македонија со Берлинскиот процес. Европа и светот го ценат тоа што во регионот на Западен Балкан има храбри политичари. Секојдневно треба да работиме, времето е кусо, за да ги затвориме т.н. конфликтни прашања, рече Борисов.

Бугарскиот премиер изрази надеж дека ќе се најде решение и за отворените прашања во врска со историските личности и настани.

– Се надевам дека историчарите не само што нема да попречуваат туку ќе вложат дополнителни напори да најдат решенија за историските прашања кои ќе не обединуваат, порача Борисов.

Тој очекува билатералната соработка да продолжи во сите сфери, особено за инфаструктурното поврзување.

Борисов заедничката прес-конференција се извини што неодамна граѓаните на Северна Македонија ги нарече „северномакедонци“.

– Извинете што кажав северномакедонци, тоа беше моја грешка. Граѓаните на Република Северна Македонија, простете, но несакајќи го кажав тоа, изјави Борисов.

Премиерот Заев истакна дека Европа го препознала заедничкиот ентузајазам со кој на Балканот му се дава  нов лик. Заради тоа Скопје и Софија ќе бидат копретседавачи со Берлинскиот процес, што, како што рече, е потврда за добрососедските односи и соработка.

– Северна Македонија и Бугарија им покажаа на Балканот, Европа и светот дека прашањата можат да се решаваат преку разговори, почитување и трпеливост без посредници, изјави Заев.

Во контекст на разговорите за прашањата од историјата, Заев кажа дека досега е постигната согласност и веќе зеднички се чествуваат личности и настани од заедничката историја. Тој изрази надеж дека двете страни ќе продолжат посветено и без предрасуди да ги решеваат останатите отворени прашања, особено за Гоце Делчев, кој, како што наведе, е личност која ги поврзува двете земји и двата народа.

– Делата Гоце Делчев можат само да не поврзуаат и во негова чест ќе се поклониме денеска на неговиот гроб во црквата Свети Спас. Продолжуваме да градиме пријателство, добрососедство и соработка зашто тоа им го должиме на сите идни генерации, истакна Заев.