Македонија
22. October 2019 - 22:41

Заев: Ако бев јас на местото на пратеничката Фросина Ременски ќе се повлечев

Отставката од општествената функција е личен чин. Ако бев јас на местото на пратеничката Фросина Ременски ќе се повлечев и ќе чекав да го докажам тоа и да се вратам на голема врата како херој, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за Телевизија 24.

Прашан зошто не побарал отставка од Ременски од пратеничката функција, Заев рече дека тоа е нејзино право и таа е директно бирана од граѓаните.

– Таа е добредојдена да се врати во централниот и извршниот одбор на СДСМ чим и се докаже нејзината невиност, изјави Заев.

Од истите причини, односно почитување на пресумцијата на невиноста, вели тој не се откажал од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и вицепремиерот Бујар Османи.

Посочи дека случајот „Рекет“ е констатиран како практична имплементација на реформите во правосудството, каде секој е еднаков пред законот и каде обвинител може да биде во притвор и тоа Европа го препознава.

– Овој случај јас го пријавив. Не ме интересира кој ќе излезе. Овој случај за три месеци, почна истрага и заврши истрага. Каде се другите случаеви? За кои што крвавев и вадев бомби. Каде се да се реализираат. Ги предизвикувам и обвинителство и судство, треба да ги реализираат тие случаеви. Нека донесат пресуди, нема аргуементи и докази – невини, има аргументи и докази – виновен. Ова ќе ја промени состојбата во државата, ако секој носи одлука таму каде што е платен, изјави Заев.

Тој рече дека нема нема индиции за вмешаност на други луѓе од владата во аферата „Рекет“, иако биле гости во телевизијата каде сопственик бил токму Боки 13.