Задоцнета реакција - трет протест во Кочани
Правдата мора да излезе на виделина. Нашите деца беа убиени од алчноста и корумпираноста, со болка во душата и солзи во очите обвинуваа родителите на загинатите во дискотеката во Кочани, на третиот по ред протестен марш „Задоцнета реакција“. Не се задоволни од досегашниот тек на истрагата и побараа одговорност од институциите.
- Обвинители, дали нашиот молк, тишината и тагата по нашите деца кои се убиени ви даде за право да ги ослободите лицата кои беа во притвор, а се соучесници во убиството на нашите деца. Многу од вас се исто толку виновни како и соственикот на „Пулс“, монструм, почнувајќи од премиери, министри, разно разни инспектори, па се до обични полицајци, сите сте гледале, а не сте виделе ништо, при очи сте биле слепи. Срамота, бедни сте, ситни души кои за роклети пари на душа ќе ги носите нашите убиени и многу повредени деца, изјави мајка на загинато дете
Со емотиван порака за прерано згаснатите млади животи, ја опишаа мачната и тешка секојдневица која едвај ја преживуваат осамени без нивните чеда.
- Живееме за одиме на гробишта, да се помуабетиме со нашите деца, да им кажеме колку ни недостигаат дома. Уште малку ќе се наврѓат 40 денови, 40 црни денови безнашите сонца, без нашите ангели, чии кревети од тој ден останаа празни, а нашите срца и души, засекогаш завиени во црнило, додаде мајката
Родителите најавија дека протестен марш во Кочани ќе има секоја сабота, се додека вистинските виновници не седнат на обвинителна клупа и не ја добијат заслужената казна. Тоа не е само заради оваа генерација млади луѓе, туку за секоја идна, кои не смеат да живее во трул и корумпиран систем кој убива.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар