Македонија
6. November 2020 - 21:19

Забрана за користење годишен одмор, платени и неплатени отсуства и боледувања за сите вработени во здравството

Здравството се мобилизира. На сите вработени во овој сектор им се забранува користење на годишен одмор, платени и неплатени отсуства. Ваква наредба е испратена до сите здравствени установи откако одлуката на Владата беше објавена во Службен весник. Според информации на Сител на некои медицински лица од Клинички им било кажано дека не можат да користат ниту боледувања, ниту слободни денови за приватни обврски, а дополнително по потреба ќе им биле зголемени часовите за дежурства.

Со владина одлука се стотираат и специјализациите и субспецијализациите на сите вработени во Здравствен дом Скопје и истите да се вратат на своите работни места. По реакцијата на околу 250 приватни специјализанти дека немаат здравствено осигурување, а треба да лекуваат ковид пациенти министерот за здравство изјави дека ќе иницирале законски измени за да се реши овој проблем.

Филипче уште еднаш предупреди дека сериозна е ситуацијата со корона вирусот и апелираше до граѓаните да бидат внимателни.

-Ситуацијата е сериозна, апелирам на почитување на мерките, да не се излегува од дома ако нема потреба, само до маркет, работа или училиште. Само солидарни можеме да се справиме со оваа криза, вели Венко  Филипче, министер за здравство.

По зголемување на бројот на пациенти на кои им е неопходна хоспитализација и исполнетоста на сите кревети на инфективна и во модуларната болница, Филипче најави дека од утре на располагање ќе бидат дополнителни 150 кревети на интерните клиники на Гастро, Очно, Неврологија.