Македонија
23. December 2019 - 15:30

За заштита на спомениците од културата е потребно добро менаџирање и континуирано финансирање

Немање стручен кадар за конзервација на споменици на културата, мало и проблематично финансирање на проекти за непосредна заштита поради нејасна категоризација на значајни објекти се меѓу слабостите во конзерваторската дејност.

Според Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), кога наследството стои под земја, понекогаш е најдобро зачувано, зашто она што е на земјата е проблематично од разни причини, меѓу кои ги посочува и агилноста на самата фела, но и од тоа дали е континуиран изворот на финансирање. Тоа, како што рече, не мора да биде само од државата, туку и од странски фондови. Потребно е добро менаџирање на културното наследство, кое треба да се вклучи во секојдневното живеење и да и се приближи на јавноста.

-Имаме прекрасно културно наследство кое не знаеме да го изнесеме пред очите на јавноста и да го користиме правилно. Ги имаме Скупи, Скопското кале…, но тапкаме во место поради некои наши внатрешни неусогласености, недоволно агилност тоа да се реши. Се надевам дека во догледно време ќе бидеме малку посвесни, сите заедно, институциите, општините и Градот, изјави Костов.

Директорот на УЗКН, кој денеска присуствуваше на 70-годишнината од постоењето на Националниот конзерваторски центар, во изјава за медиумите оцени дека во заштитата на спомениците од културата во изминатите децении имало напредок, но и падови за кои смета дека се виновни и тие како фела зашто, како што рече, не биле доволно конзистентни во инсистирањето на стандардите и нивно спроведување. Смета и дека има уште многу работа за професионалноста да се подигне на повисоко ниво.

Последица на неправилно менаџирање, неконзервирање и немање константен надзор и чуварски служби со огради, според него, е и загрозената состојба на Акведуктот – споменик на културата во скопско Визбегово.

– Ако не се менаџира и редовно не се одржува и ако ги нема елементите што го ставаат во животна функција, културното наследство непобитно се губи. Затоа што, како што се вели, куќа без сајбија ќе пропадне. Така е и со акведуктот. Порано кога беше оградено заедно со Армијата, веројатно беше позачувано. Но во изминатите 10-15 години, низ тие превирања – приватни сопствености, враќање на парцели назад, и наше конкретно неменаџирање, придонесовме да настане ова како последица, рече Костов.

Управата нема извештаи од полицијата до каде е истрагата за последното оштетување на акведуктот во октомври. Смета дека е тоа инцидентно, а оштетувањата во темелите на носечките столбови смета дека се од тектонско поместување на земјиштето, дестабилизирање предизвикано од подземните води и каналите.

Претседателот на Националниот комитет на ИКОМОС Лазар Шуманов оцени дека е потребна поголема свесност за значењето на културното наследство и спомениците од културата. Според него, најголеми проблеми има во архитектонското градско и рурално наследство кое, за жал, како што рече, од повеќе фактори полека го снемува. Притоа го спомна и пожарот викендов во Велес во кој изгоре куќа – споменик на културата.

-Не можеме да бидеме задоволни, не од аспект на несакање или непрофесионалност, туку од повеќе фактори. Се трудиме максимално колку што можеме, и владините и невладините институции, сме имале позитивни и помалку позитивни, па и грешни активности кои се трудиме да не ги повториме. Заштитата не зависи само од институциите, туку и од секој наш поединец – граѓанин, секоја јавна установа, од медиумите. Свеста за споменикот за културата треба да се подигне, а први и најважни конзерватори се имателот и корисникот на објектот, изјави Шуманов, кој има долгогодишен стаж во Националниот конзерваторски центар, а  сега го предводи националниот комитет на ИКОМОС.