Македонија
6. July 2015 - 16:44

За септември одложено рочиштето на Апелација за "Монструм"

Жалбите на осудените за петкратното убиство кај Смилковско езеро ќе се разгледуваат во септември. Апелација ја одложи јавната седница за судскиот случај Монструм поради отсуство на двајца обвинети, кои казната ја отслужуваат во затворот „Идризово“. Тие денес не беа спроведени во судот иако биле уредно поканети. Роднините на обвинетите сметаат дека периодот од 2 месеци  до следната расправа е предолг, бидејќи во притвор се невини луѓе.

„Логично ќе беше судницата да се закаже за еден краток период од една недела, 10 дена или максимум 15 дена, затоа што така луѓето ќе знаат што се случува со нивната судбина, но тоа не се случи и тоа ни дава до знаење дека секој тактизира за свој интерес“ рече Бедри Ајдари, од координативно тело на роднини на осудените.

Дел од адвокатите очекуваат Апелациониот суд да ги земе во предвид сите нивни забелешки на првостепената пресуда и судскиот процес да започне од почеток.

„Нашето очекување е дефинитивно ослободителна пресуда или овој предмет да се врати во прв степен каде ќе се отстранат многуте неправилности кои ги направи Основниот суд 1, многуте повреди на Законот за кривична постапка, сосем погрешно утврдената фактичка состојба, впрочем сето тоа што ние како бранители во нашите жалби го доставивме до судот“ рече адвокатот Насер Рауфи.  

Шестмнината обвинети за петкратно убиство кај Смилковското езеро лани беа осудени за тероризам и добија доживотна казна затвор, додека поради недостаток на докази еден беше ослободен од вина. Обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и натаму се недостапни за македонските судови, откако косовскиот суд ги осуди на две и пол години затвор за недозволено поседување оружје.