Македонија
28. January 2016 - 12:46

За само една седмица во Охрид регистрирани над сто нови случаи на инфицирани со грип

Повеќе од сто лица од Охрид изминатата седмица се инфицирани со грип, што е речиси двојно повеќе споредено со периодот од почетокот на оваа календарска година.

Според податоците од Центарот за јавно здравје во Охрид, оваа година вкупно се регистрирани 217 случаи на инфенции со грип, додека само во текот на минатата седмица со симптоми на грип се евидентирани 103 заболени.

Како превентивна мерка од грипот се препорачува редовно миење на рацете, редовно проветрување на просториите и вршење дезинфекција, пред се на играчките во градинките. Препорачливо е да се избегнува долг престој во затворени простории и да се внесува доволна количина течности во организмот.

Што се однесува на терапијата, како особено важно се нагласува навременото лекување, со препорака веднаш штом се забележат симптоми на грип проследени со покачена телесна температура, да се побара медицинска помош.

Кога станува збор за Охрид, најмал број меѓу заболените со грип се лицата над 65 годишна возраст, оттаму што голем дел од лицата од таа возрасна категорија се претходно имунизирани со вакцини против сезонски грип.