Македонија
16. February 2019 - 16:34

За патување во Грција повеќе нема да има потреба од дополнителниот лист

За патување во Грција повеќе нема да има потреба од дополнителниот лист, а нашите државјани ќе треба да приложат само пасош во кој стои печатот на Република Северна Македонија. Од  МНР информираа дека дополнителниот лист повеќе не важи, но состојбата на терен е поинаква. При влез и излез од Грција тамошните погранични служби и понатаму печатот наместо во патните исправи го ставаат на дополнителниот лист.  Такви се искуствата на граѓаните кои во изминатите денови ја минувале грчката граница и на Евзони и на Дојран. Според неофицијалните информации листот повеќе нема да важи, но се чека и официјално известување од грчкото МНР до надлежните служби по што ќе почне и практичната примена на оваа одлука.

 Во меѓувреме сите наши државјани кои влегуваат во Грција на патната исправа добиваат печат со новото име. Оваа мерка почна да се применува пред два дена,  а е дел од планот на меѓу ресорската работна група задолжена за спроведување на обврските од договорот  од Преспа. Од почетокот на нејзината примена па до денес само  а ГП Богородица биле регистрирани 4118 патници на кои во патните исправи им е ставен печатот Република Северна Македонија.

Пред три дена на граничните премини беше направена замена на старите табли со нови на кои наместо досегашното име беше ставено новото Република Северна Македонија. Промената на таблите започна од граничните премини со Република Грција. Според најавите на грчките власти новото име  на нашата држава наскоро ќе стои и на грчка територија. За неколку дена се очекува грчкото МНР да испрати циркулар до јавната администрација со кое ќе се информираат за промената на името Северна Македонија со што ќе се направи промена на сите табли на границата  и на патиштата и наместо ФИРОМ како што беше до сега ќе стои Република Северна Македонија.