За две ипол години купени над 390 службени возила - Заев најавува дека во иднина дел ќе бидат еколошки возила
Дел од службените возила што ќе се купуваат во иднина да бидат на електричен погон. Со вакви инструкции премиерот Заев очекува државните институции да придонесат во заштита на животната средина.
Според анализите на Центарот за граѓански комуникации, во последните две и пол години државните институции потрошиле над 8 милиони евра за набавка на вкупно 392 возила. Или, возилата во просек чинат по околу 17.000 евра. Од невладината сметаат дека треба да се купуваат помалку возила бидејќи електричните се поскапи.
Иако е предвидено од 1 јули да се воведе еколошка такса, законот сè уште е во собраниска процедура. Додека власта очекува да се изгласа што е можно поскоро, опозицијата најавува блокади на законот бидејќи новиот данок дополнително ќе ги осиромаши граѓаните.
Со воведување на еко таксата во буџетот треба да се слеат околу 55 милиони евра годишно. Парите ќе се користат за инвестиции во екологијата. Министерот за животна средина, Нуредини, не ја исклучува можноста дел од парите да се наменат за субвенции за купување возила на електричен погон. На пример, за возило кое чини меѓу 20.000 и 35.000 евра субвенцијата би била до 4.000 евра. Освен тоа, се разгледува и можноста да се забрани увоз на возила под Еуро 5 стандард.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар