Македонија
14. March 2025 - 16:55

За два месеци во ИЈЗ пријавени 100-тина случаи со шуга

Само во февруари во Институтот за јавно здравје пријавени се 68 случаи со шуга, а од почетокот на годината има 100-тина заболени. Ова заразно заболување е меѓу најчестите во земјава. Речиси секојдневно во ординациите пациенти со шуга имаат и дерматолозите во скопските поликлиники. Некогаш се работело за изолирани случаи, но имало и цели фамилии. За сите најкарактеристичен симптом било чешањето посебно навечер.

- Ноќниот јадеж е тоа што е најчесто застапено и најчесто прв симптом. И од појава на чешањето посебно на топло, навечер кога ќе се покријат тогаш е најизразено и до појава на првите симптоми на кожата може да помине недела, две, три - вели д-р Даниела Николовска Христова, специјалист дерматолог во Здравствен дом Скопје.

За да некој се зарази со шуга потребен е подоготраен контакт со веќе заболено лице или со контаминирани предмети.

- Со поздравување не се пренесува, потребен е подолготраен контакт, вели д-р Николовска Христова.

Според дерматологот Николовска Христова, третманот за шугата е едноставен со креми и лекови, но пациените треба да се придржуваат на советите од лекарите и да ја подобрат хигиената.

Дека последниот период има зголемување на бројот на случаи со шуга во Македонија покажува и статистиката на ИЈЗ, ланио имало 500-тини заразени, што е речиси за 50 проценти повеќе од 10 годишниот просек.