Бизнис
10. August 2017 - 20:30

За 5 години над 1.100 апликанти добиле субвенции за станбен кредит

Податоците од министерството за финансии велат дека од 2012-та кога започна проектот Купи куќа купи стан, а кој потоа се дополни и со Купи куќа за млади, се одобриле 795 барања за моделот субвенција на рата, а 310 за субвенција на учеството.

Според намената 918 барања се за купување на нов стан, а 187 се за изградба или доградба на куќа.

За субвенциии во рамки на овие проекти државата одобрила од 9 милиони евра, за кредити од вкупно 38,5 милиони евра.

Најголем дел од кредитите се во рамки на Купи куќа, купи стан, 1004, додека поновиот проект Купи куќа за млади има 101 корисник.

Како што информираат од министерството, во периодот на предвремените парламентарни избори, надлежната комисија не бирала корисници, но по создавањето  на законските предуслови, во текот на јули, одобрени биле вкупно 69 субвенционирани станбени кредити од ланскиот оглас.

Во министерстовото во моментов има и 18 предмети од тековниот јавен оглас кој трае до крајот на годинава. Со оглед на расипшаните локални избори, ќе се направат консултации во рамки на министерстовото и релеватните институции во однос на тоа кога може да се одлучува за овие барања за субвенции.