Македонија
26. March 2024 - 16:48

Зa 100 евра готов пасош за два дена, итната постапка повторно во функција

Ако се чекаше околу еден месец за да закажете и извадите пасош по итна постапка, од денска повторно на оние кои им е најитно ќе може за 48 часа да имаат готова патната исправа. МВР направила реорганизација на службите и ако платите 100 евра ќе имате пасош за два дена.

Расположението кај граѓаните пред управните служби на МВР за фотографирање и подигнување лични документи варираше од нервоза до олеснување.  Некои не сакаа да зборуваат пред камера поради револт, други пак велат системот функционира одлично и не им е проблем да почекаат за пасоши.

Како еден од најголемите проблеми зошто се доцни со изготвувањето на личните документи беше процесот на одобрување. Сега дополнителниот заменик, Митко Бојмацалиев нашол решение. Ќе се зголемат капацитетите на одобрувачи за личните документи, односно откако ќе се фотографираат граѓаните ќе има поголем број на вработените кои ќе ги одобрат документите да одат на печатење.

Дополнително граѓаните сега и на веб страната на МВР може да проверат дали им се готови и личните карти, но сепак од ресорното министерство велат уште се работи на усовршување на системот.