Балкан
12. February 2018 - 15:47

Вучиќ: Србија и Хрватска мора да имаат подобри односи

 Србија и Хрватска ќе мора да имаат подобри билатерални односи во иднина, изјави денеска во Загреб српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со хрватската колешка Колинда Грабар-Китаровиќ.

Вучиќ оцени дека повикот од хрватската претседателка да го посети Загреб не бил лесен чекор, земајќи ја предвид атмосферата во Хрватска.

- Ви честитам на храброста, и се обрати Вучиќ и Грабар-Китаровиќ.

Тој посочи дека за време на дводневната посета, со хрватските политичари ќе разговара за сите отворени прашања, кои според него, ги има многу. Сепак, се заложи двете балкански земји да имаат односи како Норвешка и Шведска.

Вуќиќ потенцираше дека српските власти ќе се обидат да ја подобрат атмосферата и сите државни функционери ќе имаат обврска да не ја навредуваат не само Хрватска, туку и другите земји.

Според двајцата претседатели, на средбата разговарале за судбината на исчезнатите лица, за положба на малцинставата, правосудните прашања и разграничувањето меѓу двете држави, поддршката на Хрватска за евроинтеграциите на Србија, инфраструктурата и економијата.

Хрватската претседателка изјави дека на средбата отвориле многу прашања.

- За многу прашања не се согласивме, а за дел ги приближивме ставовите и се договоривме дека ќе продолжиме со дијалогот, бидејќи за некои отворени прашања може да се постигне договор, истакна Грабар-Китаровиќ.

Конкретен чекор е направен со гестот на Србија, при што на средбата, на Хрватска и ги отстапи матичните книги  од општината на Двор на Уна, со најава за отстапување и на други документи, значајни за исчезнатите и убиените од воениот конфликт.

Грабар-Китаровиќ најави дека е договрено во меѓувладините разговри да се вклучат и организации на исчезнатите лица, како и на малцинставта со цел унапредување на нивната положба и преку конкретна работа решавање на проблемите. И Вучиќ се согласи дека на полето на положбата на малцинствата е постигнат најголем исчекор и на тоа поле од страна на Србија е постигнато многу за хрватското малцинство.

Двајцата претседатели постигнаа договор за проблемот со границата меѓу двете земјите, односно договорија билатерални разговори во наредните две години, и доколку не биде постигнат договор во овој временски рок, проблемот да се реши преку меѓународна правна арбитажа.

- Ние имаме 136 км. граница на Дунав од вкупно 262 км и имаме различни ставови по прашањето за разграничување. Ќе се обидеме за две години ова прашање да го решиме, ако не, одиме пред меѓународна арбитража, изјави Вучиќ.

Според хрватската претседателка постигната е почетна согласност и за обнова на инфраструктурното поврзување.

- Хрватска го подржува зачленувањето на Србија во ЕУ. Ќе дадеме помош на тој пат и разговаравме како заеднички да ги искористиме фондовите на ЕУ. Еден од проектите кој го предложивме е да започнеме со обновата на железничката линија Загреб-Винковци-Белград. 

- Не поврзува заедничката одговорност за безбедноста на југоистокот на Европа, посочи хрватската претседателка.

На средбата е разговарано и за регионалните прашања, економската соработка и договорено е да се потикне дијалогот меѓу Српската православна црква и Хрватската католичка црква.

Самата посета на српскиот претседател на Загреб започна во напната атмосфера и големи мерки на безбедност, проследена со протести во Загреб и навредливи пораки за српскиот претседател. Стотици граѓани протестираа против посетата на Вучиќ, истакнувајќи транспаренти на кои, меѓу другото, пишуваше и „Четник-почетник“, „Барабо врати се во Србија“ и слично навреди.

- Не сакам да се правдам, но јас не сум четник, ниту кој било од мојата фамилија бил четник. И немам проблем со тоа што некој овде ме навредува, изјави Вучиќ.

- Не се вознемирив од протестите. Не се вознемирувам ниту кога во Србија протестираат против мене, истакна тој.

На оваа тема се надоврза и хрватската претседателка.

- Демократско право е да се протестира. Но, не го подржувам говорот на омраза. На српската јавност и порачувам дека ние не можеме да дозволиме поединци-маргиналци да ни ја дефинираат државната политика. Таа мора да ја дефинираме ние државниците и големото мнозинство на хрватски граѓани, кои ја подржуваат посетата на претседателот Вуќиќ на Загреб, истакна шефицата на хрватската држава. 

Дводневната посета на Александар Вучиќ на Загреб, продолжува со тет-а-тет средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, и разговори со претставници на хрватскиот Сабор и на Хрватската стопанска комора.

Вучиќ е првиот претседател на Србија кој доаѓа во официјална посета на Хрватска од 2010 година.