Македонија
6. March 2020 - 17:01

Вучиќ најавува можно херметичко затворање на границата со Македонија поради мигрантите

Србија херметички ќе ја затвори границата доколку се соочи со наплив на мигранти од Македонија. Предлогот, кој сериозно ја засега безбедноста на земјава, доаѓа од претседателот Вучиќ.

Тој вели дека Србија секогаш покажувала солидарност, но нема да дозволи, како што рече, неговата земја да биде „паркинг за мигрантите“.

“Да. Издадов налог до војската на Србија. Го замолив и Бирото за соработка со сите служби, МУП и Безбедносно информативната агенција, да ги подготват сите планови. На Владата исто така и наложив да ги подготви сите планови, доколку на кој било начин дојде до загрозување на националната безбедност и сигурноста на граѓаните на Србија, ние границите херметички ќе ги затвориме”

Ваков став произлезе и од утринскиот вонреден состанок во српската влада, по кој беше соопштено дека Белград ќе има нулта толеранција за илегални преминувања на мигрантите.

Шефот на српската држава изрази надеж дека нема да дојде до радикален развој на настаните, но дека српските власти се подготвени за 12 часа целосно да ги спуштат рампите за мигрантите.     

Доколку се реализира налогот на Вучиќ, Македонија потенцијално се соочува со сценарио во кое 130 илјади мигранти кои во моментов сакаат да ја преминат грчката граница, би останале заробени на македонска територија.

Засега нема одговор како македонската влада би одговорила на ваквиот потег на официјален Белград.

Запознати за ставот на северните соседи, на дневниот ред на денешната владина седница не се најде мигрантската криза и евентуалните сценарија.

Владата останува на заклучоците усвоени пред три дена, во кои се вели дека земјава веќе има воспоставен систем за управување со мигрантската криза и дека тој е подготвен и функционален за да одговори на предизвиците.

Во меѓувреме, состојбата на грчко-турската граница денеска повторно се влоши, откако грчката полиција искористи солзавец и водени топови за да ги спречи мигрантите да поминат на нејзина територија.

“Од самиот старт, грчката влада ги презема сите неопходни мерки за засилување на безбедноста на нашите копнени и поморски граници, до највисоко можно ниво”

За новонастанатата криза на вонреден состанок денеска решенија бараат и министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.