Балкан
31. October 2017 - 8:43

Вучиќ: Мислам дека ова ми е последен мандат

Знам дека рокот на траење ми е ограничен и најверојатно ова ми е последниот мандат, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој дополни дека таа одлука не е поради оние кои го напаѓаат, ниту затоа што го уриваат твитерџиите, кои според него се полни со омраза. Во синоќешното интервју за српската телевизија ТВ Пинк, Вучиќ рече дека е факт оти се е насочено против него, сите критики и грди зборови му се нему наменети, а секој кој ќе се осмели да го брани, мора да мине низ „топол зајак“. (ритуал за „добредојде“ на новите затвореници, кои од старите биле плукани, удирани и навредувани).

- Не постои ниту еден човек, кој би покажал каква било човечка лојалност кон мене, а да не минал низ „топол зајак“. Секоја приврзаност кон мене така се казнува, изјави српскиот претседател.

- Не сум уплашен и воопшто не се грижам поради тоа. Не реков дека ова ми е последен мандат поради нив, поради Твитер или американската телевизија Н1. Ова е мој избор. Инаку тие не би ме победиле до 2040 година, изјави Вучиќ на синоќешното гостување на ТВ Пинк, на кое беа присутни и новинар од „Политика“ и директорката на „Танјуг“.

Воедно, тој истакна дека постојат сериозни аргументи за предвремени избори и оти таа опција ќе биде разгледана.