Балкан
7. May 2021 - 12:46

Вучиќ: Ја примивме пораката, Хрватска сака да ја понижи Србија

Србија сака да има добри и коректни односи со сите во регионот, а постапките и изјавите од Хрватска не се израз на почит кон Србија, изјави денеска претседателот Александар Вучиќ по повод најавата на Хрватска дека ќе формира воен камп на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

-Зошто на некој му е потребно да се фали и да учествува на таков начин. Тие можеа да го одбијат КФОР, но намерно донесоа таква одлука, дополнително да ја понижат Србија. Ја примивме пораката и разбравме, изјави Вучиќ денеска во Обреновац по повод најавата на хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман дека неговата земја ќе формира воен камп на Косово.

Тој им порача на Србите на Косово кои се загрижени за ова, да не се грижат, дека нема да има нова Олуја, дека тој е гаранцијата дека тоа нема да се случи и дека за неколку дена ќе оди во Брисел каде што ќе разговара со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, бидејќи сака да избегне конфликти и да го зачува мирот.

Српскиот претседател исто така посочи дека Хрватска, иако ја признала независноста на Косово, не може да се преправа дека не знае што мисли Србија за Косово, „да се преправа дека не знае дека тоа е наша територија и дека таму живеат голем број Срби кои се сеќаваат на страдањата во минатото“.

Вучиќ изјави дека ваква порака ќе биде испратена и утре од Градина во Република Српска, каде ќе бидат одбележани пробивот и страдањето на српските жртви во Јасеновац, како и победата над нацизмот во Втората светска војна.