Вучиќ го поврза Заев преку негови советници од Србија за сценариото во Белград, владата демантира поврзаност
Српскиот претседател индиректно ја поврза македонската влада со организаторите на вчерашниот упад во седиштето на Радио телевизија Србија. Вучиќ вели дека главните водачи на демонстранитие се блиски пријатели и соработиници на македонскиот премиер Заев.
Србија ќе ја зачува стабилноста и ќе ги победи хулиганите. Има криминалци тука во Белград кои сакаат да работат во Скопје. Бандитите кои ги избркавме од тука, Саша Мирковиќ, Башановиќ, кој крадеше гаќи во американски шопинг мол, сега е голем советник и е многу важен. Не сакам да зборувам повеќе во моментов“, изјави Вучиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање, вчерашниот упад во РТС, Вучиќ го спореди со собраниските настани од 27 април во Македонија. Според српскиот претседател денеска повторно до израз доаѓаат двојните аршини на меѓународната заедница.
Големите пријатели на Зоран Заев, тајкуните Џилас и Јеремиќ, се пофалија како го осудија министерот за внатрешни работи Чавков на 18 години затвор, затоа што не ги спречил граѓаните да влезат во Парламентот. По тој принцип ние можеби би можеле да размислуваме за одговорност на министерот за внатрешни Небојша Стефановиќ што ги пушти фашистот Обрадовиќ и тајкунот Џилас да влезат внатре. Сметам дека министерот мислел дека има работа со одговорни луѓе и такво нешто нема да им падне на памет. Што се однесува до западните амбасади, јас ја очекувам поддршката од мојот народ, што работат западните амбасади нека си ја работат својата работа тоа не ме интересира – рече Вучиќ.
Македонската влада пак ги негира ваквите тврдења на Вучиќ со став дека двете земји постојано работат на унапредување на односите.
Демократијата треба да се развива и зајакнува во земјите од регионот, а за таа цел неопходни се дијалог, посветеност и конструктивност од страна на властите, опозициите и граѓанските организации. Сите работиме за исти цели: мир, просперитет, подобар живот за граѓаните, зајакната регионална соработка и забрзани евроинтеграции. Насилствата никогаш не може да донесат решенија, таквите дејствија штетат на демократијата и напредокот. Северна Македонија и Србија се пријателски земји, нашите народи се пријателски и ние постојано ја унапредуваме меѓусебната соработка и почитувањето, се вели во реакцијата на македонската влада.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар