Македонија
28. December 2016 - 10:22

Второ издание на „Евангелието на трите самовили“ од Стојмир Симјаноски

Ново, второ издание на романот „Евангелието на трите самовили“ од писателот Стојмир Симјаноски деновиве објави издавачката куќа „Македоника литера“ од Скопје.

По појавата на првото издание проф. д-р Георги Сталев истакна дека романот е исечок од животот, драма за барањето на идентитетот градена како словенска антитеза: појава, нагаѓање, погрешно одгатнување и на крајот откривање на болната вистина со што романот заличува на детективска приказна, но без криминалистички елементи.

- Всушност, во двете напоредни приказни во романот со една цел да се прикаже не само трогателноста, туку и повторувањето и портретирањето на една потресна и трагична судбина, секоја можност за одгатнување на тајната, води на погрешен пат сѐ до крајот на романот кога читателот конечно ја сфаќа целата иронија на судбината на еден народ осуден да биде вечно раселуван по цела планета и во туѓи земји да живее, а својата само да ја сонува и по неа да тагува, нагласува Сталев.

Според Сталев, романот е огледало на македонската животна реалност и на специфичните македонски животни судбини

- Ако за романот „Камена веда“ од истиот автор може да се рече дека е своевиден лексикон на народни мудрости и хумор, архаични фрази и обичаи, ако за романот „Бојата на времето“ треба да се рече дека е своевидна научнофантастична апологија на македонската вистина и еден од најдобрите фантастични дела во македонската литература, тогаш за „Евангелието на трите самовили“ може да се каже дека е огледало на таа македонска животна реалност и на специфичните македонски животни судбини. Со овој роман како најдоследно да се потврдува аксиомата дека историјата е роман кој се случил, а романот историја која не се случила, или како што вели авторот – историја која постојано ни се повторува, посочува Старделов.

„Евангелието на трите самовили“ првпат е објавен во 1994 година.

Стојмир Симјаноски (1937, Кичево) е автор на повеќе од петнаесет книжевни дела, меѓу кои: шест романи со теми од историјата на македонскиот народ, од кои се издвојува трилогијата романи на ајдучка тема („Синови на горите“, „Третиот завет“ и „Вратата на сонот“), пет романи од жанрот на научната фантастика („Ацела“, 1977, „Ќерката на ѕвездите“, 1985, „Двојната Ева“, 1990, „Лицето на самовилата“, 1991, „Бојата на времето“, 2011), три збирки раскази („Чесно дрво“, „Фаќачи на вампири“, „Моите три животи“), збирката радиодрами „Самовилски извори“ и современите романи „Евангелието на трите самовили“ и „Камена Веда“, како и научно-популарната книга за НЛО „Мит за сите времиња“.