Македонија
10. January 2023 - 16:34

Вториот човек на Руската црква утре доаѓа во Македонија

Рускиот митрополит Антониј задолжен за меѓународни односи на РПЦ утре доаѓа во Скопје. Посетата на митрополитот за Сител ја потврди владиката Тимотеј. Информацијата ја пренесоа бугарските медиуми а од МПЦ ОА се чува како строга тајна. Единствено се знае дека средбата ќе биде со поглаварот г.г Стефан и ќе се одржи некаде во главниот град, но на чија покана доаѓа и која е целта од Архиепископијата не откриваат.

Оваа средба доаѓа во време кога МПЦ ОА го очекува Томосот од Вселенската патријаршија за автокефалност како и посетата на Вселенскиот патријарх која беше најавена лично од Вартоломеј по канонското признавање.  

Рускиот митрополит Антониј лани во декември тајно одржа средба и со бугарскиот патријарх. Како што пренесуваат медиумите неговата примарна работа е црковната дипломатија и штитење на рускиот црковен и национален интерес. Интересно е да се спомене дека по посетата на Софија, Синодот на БПЦ одлучи да го признае томосот на СПЦ за автокефалноста на МПЦ ОА.  Црковни извори пренесуваат неофицијално дека најверојатно рускиот митрополит ќе ги убедува македонските владици дека не треба да преговараат со Вселенската патријаршија и да останат на линија со Руската Црква. Познато е дека во последните години отворено РПЦ води војна за превласт со Вселенската патријаршија.