Свет
13. December 2015 - 9:28

Втор круг од регионалните избори во Франција

Во Франција денеска се одржува вториот круг од Регионалните избори, откако по првиот круг, минатата недела, крајната десница-Националниот Фронт, предводен од Марин Ле Пен се најде на првото место според бројот на освоени гласови во шест од13 региони, јави дописникот на МИА од Париз.

Националниот фронт, минатата недела, според пребројаните гласови, освои околу 28 отсто од гласовите, пред десницата со 27 отсто и социјалистите со околу 23 отсто од гласовите, при што пред гласачките кутии се појавија околу 50 отсто од гласачите.

Партијата на Ле Пен, во денешниот втор круг има предност во шест региони, републиканците на Саркози во четири, а социјалистите на Оланд во два региона, додека на Корзика во водство е коалицијата на левите сили.

Според последните испитувања на јавното мислење, „републиканскиот фронт“ создаден од социјалистите и републиканците на Саркози, се очекува да им се спотивстави на кандидатите на Националниот Фронт и наспроти сите досегашни предвидувања, Марин Ле Пен и нејзиниот Национален Фронт може да останат без региони. Сепак, нејзината партија ќе стане прва партија во Франција според освоените гласови.

Минатата недела, најдобри резултати покажа претседателката на НФ , европратеничката Марин Ле Пен, и нејзината внука Марион Марешал Ле Пен, која е пратеник во француското Национално собрание (Долниот дом на Парламентот). Марин во северниот регион Нор-Па-де-Кале-Пикарди освои 40 до 41 отсто од гласовите, пред кандидатот на републиканците и на социјалистите. Марешал-Ле Пен, пак, во јужниот регион Прованса-Алпи-Азурен брег, е во водство со 40,9 до 41,9 отсто до гласовите, нокаутирајќи го градоначалникот на Ница Кристијан Естрози од редовите на десниот центар – републиканците, кој освои 24,5 до 25 отсто, додека социјалистите во овој регион имаат 18 отсто од гласовите.

Владеачките социјалисти на Франсоа Оланд беа најголемите губитници по првиот круг од Регионалните избори.

Изборите се одржуваат во сенка на терористичките напади и воведување на вонредна состојба, што очигледно ги наведе Французите на самозатворање и вртење кон крајната десница, тенденција која е присутна во скоро сите последни избори.