Македонија
23. February 2021 - 17:39

Втор ден протест на вработени во психијатриската болница во Демир Хисар

34 хигиеничари и друг помошен персонал во Психијатриската болница во Демир Хисар од вчера протестираат. На ваков чекор се одлучија бидејќи договорите им завршиле на крајот на минатата година, и велат дека иако им било ветувано, нивниот статус се уште не е решен. Велат дека тие ги извршуваат најтешките работи особено сега во пандемија.

-Сега идиме без ништо бараме да ни се плати одработеното и да ни се реши статусот , вели Мери Николовска.

-Протестот е до петок, после сме со план и до премиерот и до министрот да не примат, да се реши нашиот проблем. Психијатриската е во огромен проблем, работиме и со психички заболени, со 15-6 со ковид, потребно е болничари, хигиеничари, бербери, фризери, вели Натка Велинова.

Од новоформираниот Независен синдикат во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар велат дека немаат земено плата за јануари, не им се исплатени и дежурставата за Ковид, а без овој персонал болницата не може да функционира.

-Без нив болницата не може да функционира, нема кој да ги чисти одделенијата. Моето геријатриско одделение со 30 пациенти, од кои 20 се на постела, треба да се исчисти, па потоа да влезе персоналот даги изврши задачите. Цела болница нема две недели плата и нема образложение зошто, вели Јордан Станковски, претседател на независен синдикат.

Одговор дали ќе се реши проблемот со овој персонал не добивме од директорот на болницата, бидејќи не сакаше да контактира со нас. Од Министерството за здравство добивме одговор дека постапките од нивна страна за овој проблем се завршени, и не упатија до Министерството за финансии. Оттаму велат дека Министерството за финансии постапува по барањето и истото ќе биде одговорено во законскиот рок и согласно предвидените средства во соодветните институции. И потенцираат дека е важно институциите да ги планираат навремено вработувањата согласно нивните буџети.