Македонија
14. јуни 2019 - 16:04

Втор ден Македонија во жолта топлотна фаза, само во Скопје Брзата помош реагирала во 20 случаи на колабирања

За два дена 20 лица колабирале поради топлото време само во Скопје. Од Службата за Итна медицинска помош велат дека интервенирале и кај повозрасни хронично болни, но и кај млади кои претходно немале здравствени проблеми.

Во сите 20 случаи на луѓето им се слошило и се онесвестиле на улица, во продавница, а имало и повици за помош на граѓани кои биле на Задушница на гробиштата во Бутел.

Топлотниот бран која ја зафати земјава го зголеми и бројот на јавувања на 194.

-Поради топлото време деновиве имаме зголемен број на повици и интервенции, изјави д-р Марина Сотировска, шеф на смена во Брза Помош Скопје.

Високите темепартури деновиве го зголемиле и бројот на интервенции на сообраќајни несреќи.

-Луѓето да не влегуваат веднаш во автомобилот ако поодолго време бил изложен на сонце, додаде д-р Сотировска.

Иако клима уредите се спас од горештините експертите по јавно здравје советуваат ваквите апарати внимателно да се користат.

-На климите да не се спушта темпеартурата на 18 степени, туку да се држи на 21-22 степени, изјави проф.д-р Михаил Кочубовски, од ИЈЗ.

Од утре следува благ пад на температурите, но пак ќе биде топло затоа неопходно е и наредниот перриод да се почитуваат основните препораки од лекарите за пиење повеќе течности и да не се излегува на сонце од 10 до 17 часот.