Македонија
6. September 2017 - 16:18

Втор ден комисиска дебата за Законот за употреба на јазиците

Законот  за јазиците беше едниствено потребен за да се воспостави новата владина коалиција, со него се продлабочува јазот меѓу Македонците и Албанците бидејќи со него се унапредуваат само правата на Албанците и тоа на штета на другите, сметаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На собраниската комисија за европски прашања и денеска пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека е злоупотребено европското знаменце за носењето законот. Тие сметаат дека е потребна поширока дебата во јавноста за ова законско решение.

-Сиљановска, Ванковска, др проферсори кои не се ВМРО-ДМНЕ ниту гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, но сега  се согласуваат дека е потребна дебата и дека законот е противуставен, смета пратеникот Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачка СДСМ пак, тврдат дека законот не задира во унитарноста и дека во Македонија постои политички консензус дека не треба да се менува карактерот на државата, додека пак изјавите за кантонизација или федерализација се само политикантски изјави со кои може да се повтори 27 април.

-Никој не бара или наложува Македонците од Берово, Виница, Делчево или во хомогени етнички сструктури да зборуваат друг јазик од мајчиниот,  никој на кое било ниво нема да има бара да се обраќаат на албански јазик, изјави Шилегов од СДСМ.

Тој вели дека со законот е опфатена употребата на албанскиот јазик како официјален јазик бидејки амандманот 5 од Уставот го споменува само овој јазик, а не и јазиците на помалите етнички заедници.

Стоиљковиќ пак, реагираше на пратениците од ДУИ дека овој закон е во корист на правата на сите граѓани.

Јас сум единствениот пратеник Србин кој секогаш гласал за сите закони со кои се унапредуваат правата на Албанците, кажете ми што вие направивте за унапредување на правата на Србите, изјави пратеникот од ДПСМ Иван Стоиљковиќ.

На ова одговори пратеникот на ДУИ Весели Мемеди.

-Ако решиме сите граѓани да бидат уставотворни тогаш да го промениме Уставот и да го промениме унитарниот карактер, смета Мемеди.

Тој се заблагодари на СДСМ за храброста да преземат ваков чекор и да поддрржат ваков закон.