Македонија
23. јуни 2022 - 11:00

Втор ден генерален штрајк во јавниот сектор, ССМ на собир пред Владата

Работникот дојде  по ветеното и своето, порача денеска претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Дарко Димовски, од собирот на членството на ССМ пред зградата на Владата, во рамки на активностите од генералниот штрајк што го спроведуваат во јавниот сектор втор ден со барање за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари и враќање на правото за регрес на годишен одмор.

Димовски ја повика Владата да се реши проблемот, преку амандман со ребалансот на Буџетот или со општиот колективен догвовор, укажувајќи дека за разлика од 1. Мај кога им ветиле повисока плата денеска никој не ги пречекал.

-Денеска протестираме пред Владата да побараме поддршка од 21 министер за предлогот на ССМ за линеарно зголемување на платоте за 2806 денари, но за жал не не пречекаа како за 1-Ви Мај.Тогаш кажаа дека за сите ќе има линеарно зголемување на платите со ребалансот на Буџетот, но денеска ги нема. Затоа јавно апелирам и кажувам работникот си дојде по ветеното, работникот си дојде по своето бидејќи ние немаме друг начин како да издржиме во оваа економска криза. Немаме друг начин како да ја издржиме инфалцијата. Затоа ја повикувам целата Влада на чело со премиерот да го решиме проблемот што поскоро, сакаат преку амандман  во Собранието, сакаат со Општиот колективен договор во јавниот сектор, изјави Димовски.

Се штрајкува, псоочи, насекаде низ цела држава и на сите работни места.

Како што најави, утре ќе протестираат пред Министерството за финансии.

Синдикалците вчера за време на штрајкот поставија 120 празни столчиња пред Парламентот сакајќи да ги потсетат пратениците да го прифатат амандманот со кој се бара во ребалансот на Буџетот да бидат одвоени средства за линеарното зголемување на платите.

Штрајкот ќе се одвива секој ден од 10 до 11 часот, така што вработените во јавниот сектор во тој период ќе го прекинат работниот процес и ќе излезат надвор, а само десет проценти од нив ќе работат онаму каде што е потребно за итни случаи. 

Како што изјави Димовски вчера, само во едно претпријатие на почетокот на штрајкот е забележан притисок врз вработените, а ги пофали одредени институции и претпријатија кои веќе почнале да се потпишуваат спогодби за вработените да добијат 2.806 денари од 1 јули.