Македонија
25. May 2022 - 16:38

Вселенскиот патријарх Вартоломеј: Ова е историски момент за православието

Шестдецениската изолираност е отстранета и по овој историски момент влегуваме во нов период. Вака вселенскиот патријарх Вартоломеј во интервју за грчка телевизија ги коментира последните случувања за црковното прашање на МПЦ и признавањето на автокефалноста од СПЦ. 

Вели дека со години ова прашање било во фокусот на Патријаршијата каде освен посети на црковни делегации и барања од политичари вклучувале и медијатори за решавање на спорот. 

- Ја нарековме нивната црква Охридска архиепископија, го исклучивме терминот „македонска црква“ и било каков изведен збор од зборот „Македонија“. Ги ограничивме границите на јурисдикцијата во границите на територијата на Северна Македонија, како што се вика денес и сите дополнителни административни прашања и ги доделивме на Светата црква на Србија, со предуслов, овие останати работи да бидат врз основа на светоканонскиот чин и вековните пракси на целата православна црква, изјави Вартоломеј – Вселенски патријарх.

Поздрави за одлуката на Синодот на СПЦ стигнаа и од Руската православна црква.

-Се радуваме заедно со нашите браќа Срби и Македонци. Овој настан го чекавме многу години. И сега дојде часот на Божјата волја. Верувам дека Светиот синод на Руската православна црква ќе даде соодветен одговор на својот следен состанок, изјави заменик-претседателот на Одделот за надворешни односи на Московската патријаршија, протојереј Николај Балашов.

Оваа тема е актуелна и во соседна Бугарија. Бугарски аналитичари коментираат дека откако БПЦ ја пропушти шанската да биде мајка црква, сега ќе мора да ја признае автокефалноста на МПЦ – охридска архиепискпија.

-Она што се случи со МПЦ е очекувано, особено откако Бугарската православна црква во 2019 година одби да се заложи да го поддржи решавањето на македонскиот црковен случај. Откако синодот на БПЦ немаше ниту овластување ниту потенцијал да го стори тоа, работите природно дојдоа до она што се случи, изјави Горан Благоев, црковен аналитичар и историчар.

По признавање на автокефалноста од страна на Светиот архиерејски сабор на СПЦ, патријархот Порфириј вчера кажа дека за одлуката ќе бидат известени сите помесни православни цркви со повик да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ – Охридска архиепископија.