Вселенската патријаршија ќе го разгледа барањето за статусот само под име Охридска Архиепископија
Дали Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ќе добие ново име? Ова прашање стана актуелно по информациите во кои се вели дека Светиот синод на Вселенската Патријаршија, ќе се изјасни околу барањето од црковното раководство во земјава, Црквата во канонскиот поредок да биде воведена само под името “Охридска архиепископија”, односно без одредницата Македонска.
Барањето, според соопштението од Константинопол, наводно било поткрепено со писмо од премиерот Заев. Премиерот ги демантира ваквите тврдења, ниту некој побарал, ниту може да го смени името на МПЦ.
Дополнително Владата го објави официјалното писмо упатено од Вселенската патријаршија кое покажува дека премиерот Заев не побарал бришење на зборот „Македонска“ пред цркватa, од Владата дополнуваат дека станува збор само за нивен придонес кон решавањето на црковното прашање.
За прецизен одговор упатуваат и кон Синодот на МПЦ. Оттаму, пак, велат дека станува збор за класични шпекулации и невистини, кои се шират од расколничката црква на Вранишковски.
Вселенската патријаршија пак во официјалното соопштение вели: Беше разгледано барањето на расколничката црква во Скопје, барање поддржано и преку писмото на премиерот на ПЈРМ, господинот Зоран Заев, за преземање иницијатива од Вселенската Патријаршија за враќање на црквата во канонски рамки под името Охридска архиепископија
И грчката влада соопшти дека со решавање на прашањето за името се решава и црковното прашање.
- Единствено што постои до овој момент е одлуката на Светиот синод на Вселенската Патријаршија да се спроведе потребното, за да се задоволи барањето на премиерот на ПЈРМ за бришење на терминот „Македонија" од името на црквата на нашите северни соседи.
Заменикот министер за надворешни работи Јанис Аманатидис, рече дека црковниот аспект на проблемот се движи кон решение, но не коментира дали тоа ќе биде постигнато со бришење на одредницата Македонска, од името на црквата.
