Македонија
6. January 2018 - 9:43

Врховниот суд во Атина на потег за екстрадицијата на Грујевски и Бошковски

По одлуката на Советот на судии во Солун за екстрадиција на поранешните началници на Управата за безбедност и контраразузнавање, Никола Бошковски и Горан Грујевски, ви Македонија, на која нивната одбрана поднесе жалба, Врховниот суд во Атина треба да ја разгледа и донесе конечна одлука.

Дотогаш, Бошковски и Грујевски ќе бидат во затвор близу Солун, каде се во екстрадициски притвор речеси три месеци.

Според нивниот адвокат во Грција, жалбата за Горан Грујевски е на 75, а за и Никола Бошковски на 65 страници. Костас Хаѕијоану, говорејќи за солунскиот портал Вориа, како што јавува дописникот на МИА од Атина, тврди дека не било изводливо Советот на судии за само 1,5 ден да ги види сите аргументи и целата документација на 17.000 страници.

адвокат хацијоану

- Ние веруваме во грчкото правосудство. Веќе имаме поднесено барање за заштита преку политички азил и сигурни сме дека на крај правдата ќе биде задоволена, вели адвокатот Костас Хаѕијоану за порталот Вориа.

Тој додава дека е сигурен дека правдата ќе биде задоволена во Врховниот суд.  

И вториот адвокат на Никола Бошковски и Горан Грујевски, Петар Василев потврди дека ќе поднесат жалба до Врховниот суд на одлуката за нивна екстрадиција во Македонија.

адвокат василев

- Ќе поднесеме жалба на оваа одлука и се надеваме дека повисоките инстанци ќе одлучат поинаку, бидејќи имаме многу аргументи на наша страна и затоа што сметаме дека ова е политички процес. Тие се невини според Кривичниот законик. Затоа се надеваме дека одлуката на повисоките инстанци ќе биде правична за нашите клиенти, вели Василев.

И соопштувањето на одлуката, исто како и сослушувањето, беше зад затворени врати.

Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошковски имаат уште два други процеса во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај годинава. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември минатата година, процес кој може дополнително да ја забави евентуалната позитивна одлука за екстрадиција во Македонија.

Грујевски и Бошковски се обвинети и во случајот на СЈО „Тврдина и Таргет“, за кој на 17 јануари во Кривичниот суд во Скопје е закажано судење.

Тие беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври лани, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.