Македонија
20. November 2023 - 19:44

Вработените во канцеларијата на Народниот правобранител од утре излегуваат на протести

Вработените во институцијата Народен правобранител од утре излегуваат на мирни протести. Револтотот од игнорантскиот однос на државните институции, Владата  и Собранието 80-тина вработени ќе го искажат пред канцелариите во центарот на градот за време на паузата од 10 до 10.30 часот. Бараат финансиска независност, но и поголеми плати за големиот број надлежности.

- Ние имаме пристап до лични податоци на граѓаните, до класифицирани податоци, контактираме со сите категории граѓани, дури и со најранливите категории граѓани, вршат увид во институции и установи од секаков тип, што секако е причина да добијат покачување на платите кое го имаат повеќе субјекти во државата,а кои немаат ниту приближно вакви надлежности, изјави Мајран Поњавиќ, претседател на Синдикатот на Народен правобранител.

Од Синдикатот го повикуваат Собранието и пратениците што поскоро да ги донесат измените и дополнувањата на законот за Народен правобранител со кој ќе се регулира финансиската самостојност и ќе се надминат проблемите, кои беа воочени и од страна на Европската комисија.

Вработените кај омбудсманот мирно ќе протестираат до понеделник и нема да има застој во процесот на работата, но  доколку не бидат исполнети нивните барања најавија радикализација на протестите.

Ова е прв протест на вработените од самото формирање на институцијата Народен правобранител.