Македонија
13. November 2023 - 17:09

Вонреден инспекциски надзор во прилепската болница по смртта на новороденчето

Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска започна вонреден инспекциски надзор во Прилепската болница, откако новороденче кое било породено таму на 27 октомври, со компликации е препратено на Клинката за детски болести во Скопје каде починува на 5 ноември. Денеска вонреден инспекциски надзор се прави и на Клиниката за детски Болести. 

„Одма денеска иницирав како министер, ќе оди ДСЗИ и ќе има и стручна комисија, нема веќе да има сомненија за ниту еден случај“, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство. 

„Кога контролата опфаќа проверка во медицинска документација или евиденција, не станува збор за стручноста на лекарите и нивното лекување, туку се она што е во надлежност на ДСЗИ“, кажа Рената Младеновска, директорка на државен и здравствен санитарен инспекторат.

Мајката на бебето Лиле Петровиќ категорично ги отфрла дел од изнесените наводи дека таа имала некаква бактерија која ја пренесла на бебето. Вели дека имала само кандида во третиот месец на бременост и дека истата и била излечена по една недела, за што имала документи од матичниот гинеколог.

„Ги имам тие документи, не знам од каде му е извадено тоа дека јас во последниот месец од бременоста имам бактерија. Тоа ќе си го докажам. Јас имав кандида, тоа се случува на секоја бремена жена, можеби не сме доктори, но ја знаеме вистината. Јас имам документи дека бактеријата е излечена. Нека ги достават тие документите што јас наводно имам бактерија. Кај се резултатите од бактеријава? Нека ги достават, тоа што го кажуваат на документ треба да биди“, вели Лиле Петровиќ, мајка на починатото новороденче.

Петровиќ поднесла и пријава до јавното обвинителство во Прилеп за да се испита од што точно починало нејзиното бебе. Од ОЈО Прилеп потврдија дека се вршат испитувања и проверки и дека е набавена потребната медицинска документација.

„Во понеделникот тие ми го вадат со кислородна маска и ми тврдат дека по крвната слика немало никаква инфекција. Како е можно тоа да не покажи на крвната слика ништо покачено. А го вадат со кислородна маска, значи тука не ми е јасно. Или имало па криеле од тука или пак вистина немало и нешто се случи тоа е само големо прашање на кое јас немам одговор“, додаде Петровиќ.

Од болницата во Прилеп истакнаа дека инспекторатот започнал со испитување на историјата и протоколите и на мајката и на новороденчето. А истакнаа и тоа дека и тие како болница, односно болничката Комисија за интрахоспитални инфекции побарала од Центарот за јавно здравје од Прилеп да изврши вонредни контроли. Редовните контроли биле направени во октомври на неонаталогија и септември на гинекологија при што не бил пронајден наод од земените култури од жива и нежива природа во одделенијата.